Skip to main content
Македонија

Стар авион, скапи поправки: Државата потрошила 3,5 милиони евра од 2017 година за поправки

08/12/2024  17:40

Владиниот авион, со кој претседателката Гордана Сиљановска-Давкова требаше да отпатува за Париз на церемонијата за отворање на реновираната катедрала Нотр Дам, се расипал на 3 декември. Само неколку дена претходно, со истиот авион патувал претседателот на Собранието, Африм Гаши, на службена посета во Стокхолм, Шведска.

Според информациите објавени од порталот Сакам да кажам, дефектот бил забележан за време на рутинските проверки на аеродромот во Стокхолм. Еден од двата инструменти за мерење на температурата на издувните гасови од моторите покажал неисправност, што според прописите на производителот, го оневозможува стартувањето на моторите.

„Нов инструмент беше доставен на 4 декември, по што авионот беше вратен во Скопје. Во тек се дополнителни анализи и испитувања за да се осигураме дека воздухопловот е целосно безбеден,“ изјави Ивица Томовски, директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата.

Томовски истакна дека поправките на авионот од 2017 година досега чинеле околу 3,5 милиони евра, што отвора прашања за неговата исплатливост. „Сметам дека државата треба да набави нов владин авион. Сегашниот авион е стар, има капацитет за само шест патници и често не ја собира целата делегација. Придружбата на високите државници мора да патува со комерцијални летови, што е неефикасно и често поскапо,“ вели Томовски.

Во меѓувреме, Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова потврди дека таа не присуствуваше на церемонијата во Франција поради дефектот на авионот. Останува да се види дали оваа ситуација ќе отвори поширока дебата за модернизација на владината авијација.