Skip to main content
Македонија

Средба Лимани – Санз Луке во Женева: Ја зајакнуваме соработката со UN Women преку заеднички конкретни проекти и мерки

22/10/2024  14:26

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани за време на работниот престој во Женева оствари средба со Регионалната директорка на UN Women за Европа и Централна Азија, Белен Санз Луке.

На средбата се разговараше за конкретни теми, како продлабочување на соработката и засилување на поддршката  на жените жртви на семејно насилство и нивите деца,  преку  обезбедување на прифатилишта (шелтер центри) во целата држава.

Точка на разговор беше и поддршката на руралните жени, во насока на обезбедување на услови за нивно активирање на пазарот на трудот и можности за згрижување на децата во предучилишни установи во средината каде што живеат. Ова претставува двојна придобивка со тоа што тие стануваат и економско независни, а нивните деца вклучени во предучилишниот процес, од што бенефит имаат и самите тие и државата.

Од страна на Регионалната директорка, Санз Луке беше искажана поддршка и во проектите и мерките за младите, со акцент на младите девојки и нивна поголема видливост во општеството.

Двете страни се согласија на зајакната соработка преку заеднички проекти  и потпишување на меморандум за соработка во областите кои ги покрива министерството.

Взаемниот заклучок на крајот од  средбата беше дека доколку не се имплементираат законите, истите залудно се напишани на хартија.

Северна Македонија направи значителен исчекор напред во заштитата на човековите права на жените со усвојувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство и измените на Кривичниот законик.