Search

Се разговара со соседните земји и ЕУ за отварање на границите

Премиерот Оливер Спасовски денеска соопшти дека во наредниот период треба да се очекува одлука за отворање на границите. За ова прашање, како што соопшти денеска по посетата на Штип, се разговара со соседните земји и со земјите од ЕУ.

-Се разговара и со соседните земји, како и со земјите од ЕУ за отворање на границите. Во наредниот период треба да се чека една таква одлука за отворање на границите, билатерални соработки, реципроцитет, рече Спасовски, одговорајќи на новинарски прашања.

За почнувањето со работа на угостителските објекти, премиерот потенцира дека одлуки за олабавување ќе се носат, но заштитните мерки од страна на граѓаните мора да се почитуваат.

-Владата знае дека угостителите постојат и тие се тие што добија минимални плати и платени придонеси, а тоа покажува дека државата најмногу внимавала и на угостителите. Ние ќе носиме одлуки со кои ќе се разлабават сите овие рестриктивни мерки, ама сето тоа ќе оди со стриктно почитување на мерките од граѓаните. Значи, ние не можеме од една страна да ги намалуваме рестриктивните мерки, а од друга страна преку непочитување на мерките, заштитните мерки го зголемуваме ризикот. Меѓутоа тој ризик треба да си го сподели секој еден граѓанин во државата, рече Спасовски.

Во врска со државната помош што ја добија фирмите иако дел од работниците не ја добиле минималната плата, Спасовски истакна дека Владата има исплатено минимална плата за секој работник на фирма што ги исполнува условите.

-Таму каде што има сериозни отстапувања од законските норми повикувам да се обратат до надлежните институции, инспекторати и врз основа на тоа да се извршат инспекциски надзори и контроли. Таму каде што навистина имаме основа да укажеме дали се почитувани овие мерки или не, нагласи Спасовски.

Според него, Владата даде сериозна финансиска поддршка на компаниите, за да се зачуваат работните места и со овие мерки се опфатени над 110.000 работници за исплата на минимална плата за месец април.

Треба да знаете
Последни објави