Search

Се бара модел за одржливост на граѓанските организации

Државата треба да изнајде модел за обезбедување одржливост на граѓанскиот сектор како битна алка во обезбедувањето подобри услови и услуги за граѓаните, квалитетно и демократско општество со еднакви можности за сите, но и како коректив на власта. Финансиската поддршка треба да биде доделувана во транспарентна постапка, но притоа и граѓанските организации треба да прикажат какво и колкаво е нивното влијание во општеството, какви услуги и сервиси нудат и колку се одржливи.

Ова се дел од ставовите на учесниците на денешната трибина за реформа на системот за државно финансирање на граѓанските организации, што се одржа денеска во Скопје во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), со цел разгледување на различни модели за поддршка на развојот на граѓанското општество, начините на финансирање и  институционалната рамка за распределба на средствата.

Премиерот Зоран Заев, кој се обрати на конференцијата, смета дека граѓанските организации се темел на секое демократско општество и оти оваа влада повеќепати покажа дека го слуша нивниот глас во насока на создавање општество со еднакви можности за сите.

-Ваквите настани треба да овозможат насоки каков да биде моделот за реформа на системот за одржлива финансиска поддршка на граѓанските организации, кој треба да се заснова на основните начела на транспарентност и отчетност и да одговара на потребите за нивно независно делување. Реформите на државното финансирање треба да обезбеди реализација на политиките на државата во насока на остварување на правата и потребите на сите граѓани поддеднакво, рече Заев.

Тој очекува дека кон крајот на јуни да има драфт верзија  на моделот, а до средина на септември да биде избран оној модел што ќе овозможи развој и зајакнување на граѓанските организации, а ќе произлезе и од искуствата од земјите во Западен Балкан и земјите од ЕУ.

Борис Копривникар, поранешен министер за јавна администрација и потпретседател на словенечката Влада од 2014-2018 година , смета дека моделот може да биде различен за различни земји, но оти клучните начела треба да бидат исти.

Во секое општество, смета, има неколку клучни општествени групи како деловната заедница, научниците и истражувачите, граѓанскиот сектор…

-Владата не треба да носи одлуки за се туку да координира се, да ги слуша другите членови на заедниците и да ги синхронизира активностите за побрзо подобрување. Сметам дека треба да разбере оти секоја влада треба да се фокусира на подобар квалитет на животот на граѓаните на секое ниво, рече Копривникар.

Според него, добро е што граѓанските организации се самоорганизирани, ги одразуваат потребите на граѓаните и јавноста, брзо реагираат поради не толку ригидната структура и правила, но лошо е што се фрагметирани, поделени, многубројни и не секогаш стабилни и одржливи. Затоа, рече, треба да работат заеднички, да се спојуваат на исти теми, но и да работат на стабилност и одржливост.

Тој смета дека за една организација да добие средства треба да го презентира влијанието што го има во општеството, бидејќи ако тоа не го направи не треба да се трошат државни средства без ефект.

Романскиот директор на Фондацијата за развој на граѓанското општсетво Јонут Сибиан, се согласува со ставот дека граѓанските организации треба да бидат поддржани но, во истовреме треба да се види колку услуги во заедницата дале, колку работни места отвориле и колку има влијание во општеството. Треба, рече, да се размислува и за поддршка на граѓанските организации, особено помалите, на локално ниво преку општините бидејќи, според него, тие таму најдобро ги познаваат потребите на граѓаните и можат да дадат добри услуги и поддршка.

Тој истакна дека Фондацијата за развој на граѓанските општества во Романија функционира независно од менувањето на властите, и оти таа е управувана од невладини претставници со што, како што рече, се овозможува транспарентна и независна постапка за оценка на проектите и доделување на средствата.

Треба да знаете
Последни објави