Skip to main content
Македонија

СДСМ: Полицијата потфрли во превенција на скандалозните настани, Тошковски се уште никаде го нема

29/11/2024  08:34

Интегрален текст од соопштение за јавност на СДСМ:

СДСМ прашува: каде беа вчера вечер премиерот Христијан Мицкоски и министерот Панче Тошковски, да се обратат со државнички пораки за смирување на состојбите? Наместо тоа, нивната тишина само ги продлабочи тензиите и создаде чувство дека институциите се парализирани. Наместо лидерство и одговорност, сведочиме на отсуство на реакција од ВМРО-ДПМНЕ, која целосно ја занемари својата должност кон граѓаните.

СДСМ бара Мицкоски и Тошковски веднаш да излезат пред граѓаните и да објаснат зошто превенцијата целосно потфрли? Министерството за внатрешни работи мора итно да ги преземе сите потребни мерки за идентификација и казнување на сторителите. Законот мора да важи подеднакво за сите граѓани.

Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е клуч за заедничкиот напредок. Секое однесување кое предизвикува поделби и тензии е спротивно на вредностите на едно општество за сите и мора да биде санкционирано.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува неспособност да управува со кризни ситуации. СДСМ останува посветена на заштитата на државните симболи, достоинството на граѓаните и зачувувањето на меѓуетничкиот соживот.