Search

САД ќе бараат екстрадиција на директорката на „Хуавеј“

САД ќе го почнат процесот за формална екстрадиција на директорката на „Хуавеј“, Менг Ванжу, од Канада, рече канадскиот амбасадор во САД, што е потег што дополнително ќе ги компликува односите со Кина.

Во интервју за канадскиот Globe and Mail амбасадорот Дејвид Макнатон пренесе дека САД ѝ најавиле на Канада дека бараат екстрадиција за Ванжу, но амбасадорот не кажа кога САД ќе го поднесат барањето. Крајниот рок за барање на екстрадиција е 30 јануари, 60 дена откако Менг беше уапсена на 1 декември на аеродром во Ванкувер.

Менг, инаку ќерка на основачот на „Хуавеј“, Рен Женгфеј, беше уапсена по барање на САД за наводно кршење на американските санкции против Иран.

Таа беше ослободена со кауција минатиот месец, а ќе се појави пред судот во Ванкувер на 6 февруари.

Односите меѓу Кина и Канада се влошија по апсењето, па Кина уапси двајца канадски државјани и осуди трет на смртна казна поради шверц на дрога.

Во вторникот, Кина предупреди дека Канада и САД ја злоупотребиле спогодбата за екстрадиција во случајот на Менг. Портпаролката на кинеското Министерството за надворешни работи, Хуа Чунјинг, на редовна прес-конференција го повтори повикот до Канада да ја ослободи Менг.

„Секој кој искрено би го ценел случајот ќе дојде до заклучок дека Канада направи грешка во своите постапки“, додала таа.

Треба да знаете
Последни објави