Search

РСБСП: Да возиш пијан, значи дека не го почитуваш човечкиот живот

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, вели дека возачот не смее да управува со возило во сообраќај на пат, ниту да започне да управува со возило, ако е под дејство на алкохол, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и додаваат дека толеранцијата на алкохол за возач-почетник е приближно еднаква на нула.

Казнените санкции, во зависност од количината на алкохол во крвта, изнесуваат до 375 евра во денарска противвредност, односно до 60 негативни бода во возачката книшка, од максимум 100 и забрана за управување возило до 12 месеци, потсетуваа од РСБСП, велат Законот е прецизен и јасен.

„Некои сметаат дека казните се високи и нереални. Други дека треба да бидат уште повисоки. Анкетното истражување на РСБСП, покажува дека 85 % од возачите, барем еднаш во животот возеле под дејство на алкохол. Реалноста е сурова и загрижувачка: секојдневно, голем број сообраќајни незгоди се предизвикани од пијани возачи.

Зошто е тоа така? Затоа што возачите не ја сфаќаат сериозноста на проблемот и постојано бараат изговори како да го оправдат своето неразумно и непромислено однесување во сообраќајот и со тоа да ја помираат својата совест.

Управувањето со моторно возило под дејство на алкохол, е чин кој нема никаква смисла и логика за оправдување. Да се вози под дејство на алкохол, не само што значи непочитување на Законот, туку и непочитување на основните хумани и цивилизациски вредности. Да возиш пијан, значи дека не го почитуваш сопствениот живот, дека не го почитуваш животот и здравјето на твоите најблиски, дека не го почитуваш човечкиот живот, без разлика за кој човек станува збор.

Судејќи според последиците, можеме да кажеме дека, возењето пијан е исто како да насочиш оружје кон недолжен случаен минувач“, велат РСБСП.

Оттаму додаваат дека речиси и да нема возач кој не е свесен за штетното влијание на алкохолот врз способноста за управување со моторно возило.

„Истражувањата на РСБСП покажуваат дека дури 85% од возачите во Република Македонија, барем еднаш управувале моторно возило под дејство на алкохол.

Па така, во обид да се помират самите со себе и делумно да ја помират својата совест, неодговорните возачи често пати наоѓаат изговори. Еден вели: „Сум возел и друг пат малку пијан, па ништо не ми се случи.“ Друг вели: „Мене алкохолот не ми влијае, можам да возам и пијан.“ Трет вели: „Од две-три пијачки не си пијан, можеш да возиш без никој да те примети.“ Четврт вели: „Еднаш ако возиш пијан, не значи дека веднаш ќе направиш сообраќајна незгода.“ Вакви изговори, такви изговори и на крај 85 % од возачите барем еднаш управувале моторно возило под дејство на алкохол“, стои во соопштението на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Сообраќајните незгоди се случуваат секому, секогаш и секаде и тоа кога најмалку очекувате, посочуваат РСБСП и додаваат дека ниеден настрадан во сообраќајна незгода, не ни сонувал дека баш него може да му се случи тоа.

Истражувањата покажуваат дека најголем број од сообраќајните незгоди, во кои учествуваат пијани возачи, завршуваат со сериозни и фатални последици. Најголем број од возачите, кои возеле под дејство на алкохол, патувале на кратко растојание до 20 километри. Впрочем, сигурно дека никој под дејство на алкохол, нема да тргне на пат од 1000 километри, велат од РСБСП во нивното соопштение.

Изговорите велат едно, статистиката покажува друго, додаваат оттаму, истакнувајќи го ставот на РСБСП: „Само една грешка, само еднаш, ама последиците се за секогаш, тие не прават разлика. Тие се фатални, трајни ненадоместливи, без можност за поправка, без можност за оправдување. Затоа, без изговори и без оправдувања. Пијан зад воланот, апсолутно никогаш“.

Треба да знаете
Последни објави