Skip to main content
Македонија

РЕК Битола го раскина договорот со „Марковски компани“ вреден 46 милиони евра

05/12/2024  19:07

РЕК Битола го раскина договорот со „Марковски компани“ вреден 46 милиони евра за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во рудникот Брод-Гнеотино од февруари годинава.

Раководството на ЕСМ вели дека „Марковски компани“ не ископувал доволно јаглен и не ги почитувал обврските од договорот.

„Оваа компанија не само што не ги исполни договорените количини јаглен, туку и директно ја загрозила енергетската стабилност на државата. Несоодветната динамика на отстранување на јаловината ја наруши геомеханичката стабилност на рудникот „Брод Гнеотино“, изјави Петрушевски.

Тој додаде дека на раскинувањето му претходеле бројни опомени и укажувања, но фирмата продолжила со несовесен однос кон обврските. Договорот, склучен на 13 февруари годинава, овозможувал раскинување доколку една од страните не ги извршува обврските.

Тендерот вреден 46 милиони евра се однесува на ископ на јаглен во рудникот „Брод-Гнеотино“. Сепак, според податоците на Бирото за јавни набавки, „Марковски Компани“ има склучено повеќе од десет други договори со РЕК Битола, кои се уште се активни. Последните три тендери, кои фирмата ги доби за неколку месеци, тежат околу два и пол милиони евра.

ЕСМ ја активирала банкарската гаранција од 2 милиони евра. Подизведувачи во тендерот беа уште три фирми – струмичките „СИМ инженеринг“ и „Јавор тран“с, за кои имаше обвинувања дека се блиски до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев, и фирмата Топлина од охридско Подмоље.