Search

Регулаторните поштенски тела дебатираат за предизвиците од промените во поштенската индустрија

Сите учесници во поштенскиот сектор имаат високи очекувања од регулаторните тела од кои се бара одговор за сите проблеми со оглед на рапидниот развој и темпото со кое се одвиваат промените во поштенската индустрија создавајќи огромни предизвици, порача директорката на Агенцијата за пошти Билјана Аврамовска Ѓореска на отворањето на 54. пленарен состанок на Европскиот комитет за поштенска регулација ЦЕРП, што се одржува од денеска во Скопје.

Аврамовска Ѓореска потенцираше дека за успешно справувањео со предизвиците пред кои се исправени регуалторните тела е неопходна поинтензивна соработка како помеѓу нив, така и меѓу сите учесници на пазарот со цел задоволување на современите потреби за интегрирани и брзи системи на комуникација и ефикасна достава на пратки на новите урбани корисници.

-Ефикасните услуги за достава се еден од факторите кои го детерминираат успехот на динамичниот развој на пазарите на електронска трговија и деловниот успех на компаниите во тој сегмент, така што од регулаторната рамка и од одлуките на регулаторните тела се повеќе зависи целокупната деловна клима и опсегот на деловните можности за компаниите, рече Аврамовска Ѓореска.

Состанокот на ЦЕРП, како што оцени, се одржува во исклучителен момент за државава со оглед на тековниот проект со ЕУ за успешно транспонирање и примена на одредбите на Третата поштенска директива во домашното национално законодавство и очекуваното почнување на преговорите за полноправно членство во ЕУ.

Пред две недели ЕК го објави Извештајот  за државава препорачувајќи отворање преговори за членство, а во делот на поштенскиот сектор продолжување на усвојувањето на националната легислатива и заокружување на либерализацијата на поштенскиот пазар, наведе Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Бертолини, меѓу останатото, укажа дека со создавање единствен и целосно либерализиран европски пазар ќе се овозможат придобивки и за потрошувачите  и за бизнисот со повеќе можности, поголем избор и пониски цени.

На пленарниот состанок на Европскиот комитет за поштенска регулација, чиј домаќин е Агенцијата за пошти  се дебатира за најновите предизвици на Светскиот поштенски сојуз и поштенската регулатива на ЕУ која има цел создавање единствен поштенски пазар, како и за поштенската техничка соработка меѓу европските држави.

Улогата на Европскиот комитет за поштенска регулација e да ги проучува регулаторните прашања во европски контекст земајќи ги предвид разликите помеѓу регулаторниот и оперативниот аспект во поштенскиот сектор, да го оцени влијанието на меѓународните регулаторни политики во сите земји од ЦЕРП – Европската конференција на поштенски и телекомуникациски администрации и да се воспостават потребните контакти со Европската Унија.

Треба да знаете
Последни објави