Search

По што ќе го памети Оливер Спасовски шестмесечниот период на чело на Владата

Да се раководи Владата во изминатиот период за него била голема чест поради довербата што му била дадена но и голема одговорност поради предизвиците во него. Тргнал со обврската да овозможи организирање и спроведување фер и демократски избори, но го затекна здравствената криза со вирусот ковид 19. За техничкиот премиер Оливер Спасовски ова значи почеток на една битка да се сочува јавното здравје, битка за оздравување на болните, за помош на семејствата кои загубиле близок. За 24 инфо вели дека секој ден е различен, секој состанок на Главниот Кризен Штаб наутро или седница на Владата е една таква битка, да се направи `се што е возможно, за секого.

Какви се вашите очекувања во поглед на справувањето со коронакризата од здравствен и економски аспект?

Очекувам максимална одговорност и посветеност кон јавното здравје, од секого. Тоа е условот за справување со корона-кризата, секаде во светот, не само во нашата држава. Тоа значи почитување на мерките за лична заштита од страна на граѓаните и ефикасни реакции на институциите таму каде ќе има прекршување на оваа законска обврска, бидејки заштитата на јавното здравје е законска обврска. Така ќе успееме да се справиме со корона-кризата. Затоа, повикувам на висока свесност кај сите, за надминување на последиците од здравствената криза. Ќе носиме маска, ќе држиме физичка дистанца од 2 метра, нема да се групираме во големи групи, ќе одржуваме максимална хигиена, посебно на рацете. Да, вака ќе функционираме додека е тоа потребно. Не е лесно, ама не е потешко од тоа некој да се инфицира, да се разболи или да се случи друг непосакуван исход. Навистина мора да се разбере дека справувањето со корона-кризата прво значи сочувување на здравјето, а заедно со него и сочувување на егзистенцијата на граѓаните. Ние како Влада донесовме три сета економски мерки за помош на граѓаните и на бизнисите. Првите два сета мерки беа со цел да се помогне на приватниот сектор и да се сочуваат работните места на граѓаните, преку обезбедена финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен и бескаматна линија кредити како поддршка на бизнисите, а третиот сет мерки е со цел ревитализација на економијата преку зголемување на потрошувачката на граѓаните, на македонски производи. За таа цел наменети се 28 милиони евра за засегнати категории граѓани, кои деновиве почнаа да ги добиваат платежните картички за купување домашни производи или користење услуги. Тоа се невработени лица и приматели на социјална помош, кои добиваат 9.000 денари, а вработените со ниски примања и младите од 16 до 19 години добиваат финансиска помош од 3.000 денари. Домашна платежна картичка ќе добијат и 4.394 здравствени работници, ангажирани во справувањето со корона-кризата, со средства во висина од 40 проценти од последната основна нето плата. Финансиска поддршка е предвидена и за функционирањето на невладините организации. Наменети се средства и за поддршка на домашниот туризам, преку доделување ваучери од 6.000 денари на лица со ниски приходи. Како Влада посветени сме сериозно на справувањето со последиците од светската здравствена криза и изразувам благодарност до совесните граѓани, здравствените работници, полицајците и сите други вработени професионалци, кои се вложуваат во надминувањето на ситуацијата. Со заедничка свест и определба кон заштитата на јавното здравје, ќе успееме.

Што се случува со реализацијата на капиталните проекти?

Во овој период на здравствена криза и со економски предизвици, не само што не беше запрена ниту една капитална инвестиција, туку како што може да видите секојдневно заокружуваме значајни капитални проекти. Покажавме и свесност и одговорност како Влада дека проектите од суштинско значење на граѓаните, како што се патиштата, комуналната инфраструктура, објектите за градинки, училишта, здравствените објекти, мора да се градат и го правиме тоа. Пред два дена ги пуштивме во работа новиот Ургентен центар и Акушерското одделение во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп. Иницијативата и потребата од нов Ургентниот центар што постоеше таму цели 15 години, денес е реалност. Овој летен период, лани, го пуштивме во употреба новиот Ургентен центар во Куманово, во склоп на Општата болница Куманово, инвестиција од 900.000 евра, со можност за опслужување 200.000 пациенти од североисточниот регион на државата. По 33 години, Струмица доби нова општа болница. Ги обновивме службите за Итна медицинска помош во Битола и во Велес. По 50 години, целосно се реновира Институтот за трансфузиона медицина. Завршена е првата фаза на реконструкција на т.н. стара Градска болница – „Св.Наум Охридски“, во центарот на Скопје. Реализирани се капитални инвестиции за рекоснтукција или обнова на 30 јавно-здравствени установи во земјава. Оваа здравствена криза уште еднаш потврди дека здравствениот систем е еден од клучните столбови на државата и ќе продолжиме со вложувањата во здравството, за да обезбедиме стабилност и одржливост на системот. Деновиве може да видите дека пуштаме во употреба и воспитно-образовни капитални проекти. Досега инвестиравме 280 милиони денари во реконструкција или изградба на 44 градинки во рурални или урбани средини во земјава, а определни се нови 15 милиони евра за изградба нови објекти, со што очекуваме заокружување на бројот од 70 новоизградени објекти за градинки. Обновени се 13 основни и средни училишта во вредност од речиси 70 милиони денари, а во тек е обновата на уште 8 основни и средни училишта, во вредност од близу 12 милиони денари. Градиме квалитетно и по модерни стандарди. Како модел за новите училишта и за реновирањето на постоечките училишта се земаат новото училиште „Киро Глигоров“ во Центар, изградено по највисоки современи стандарди и училиштето „Вера Јоциќ“ во Гази Баба, а во тек е изградбата на новото современо основно училиште „Димитар Македонски“ во Лисиче. Инвестиравме во изградба и реновирање на 25 спротски сали. Куманово на пример, после години без денар вложувања од централната власт, во време на оваа Влада, за три години, доби и две спортски сали, а во завршна фаза е третата спортска сала. Како дел од грижата за најранливите категории граѓани, за само 2.5 години израдивме повеќе од 320 социјални станови, а ќе изградиме уште 700. Градиме и ќе градиме и мали групни домови и центри за лица со попреченост. Во оваа 2020 година, во услови на корона криза и претходната 2019 година, завршивме 80 проценти од примарната и секундарната гасификација, проект што се одолговлекуваше речиси 20 години. Гасот, како ефтин и еколошки енергенс е од големо значење и за економичноста на домаќинствата и на државата. Низ целата држава се градат: 260 киломентри автопати, 300 километри експресни патишта, 900 километри локални патишта. Обновуваме повеќе од 1.500 киломентри постоечки патни правци. Интензивно се работи на локалната инфраструктура и сме во фаза на отпочната изградба на дополнителни 500 киломентри водоводи и канализации. Изградивме, со помош на нашите европски партнери, 3 пречистителни станици во земјава. Можам уште да набројувам. Во изминативе три години, покажавме што значи пресврт во приоритетите и на прво место граѓаните и државата и што значи парите да се насочени кон и за граѓаните. А не како претходно, кога Владата што ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ, за врвен приоритет ги имаше личните и партиските интереси и парите насочени во лични и партиски џебови. Капиталните проекти се мотор на економијата и за зголемување на јавната потрошувачка и ќе продолжиме со засилена динамика да работиме во таа насока. Можеме, како досега, со чесни и одговорни политики, да го постигнеме посакуваниот животен стандард, што носи спокој  сигурност и стабилност во секој дом и натамошен развој на нашата држава.

 

Што за Вас значи вистинска правна држава, што е меѓу врвните приритети за граѓаните?

Ние како Влада ги поставивме основите за вистинска правна држава. Видливо е за граѓаните дека нема недопирливи кога станува збор за правдата, нема како до пред три години нарачани пресуди, тевтерчиња, нема “Ало судија“, да не именувам. Работевме на свеста и на одговорноста како извршна власт, дека не смее да се помисли на мешање во работата на правосудната власт на корумпирање, како што тоа се случуваше во минатите, мрачни времиња од режимот, на којшто рековме Збогум. Ама сега е ред на правосудството кое мора да се прочисти од корумпираните судии и обвинители. Го донесовме и Законот за јавно обвинителство, со што мора да има судска разрешница за сите предмети со висока корупција и криминал. Монтирани случаи повеќе не се дозволиви и секој кој ќе се дрзне да се вмеша во такво нешто, па дури и да се тоа обвинители и судии, ќе се најде под лупата на правдата. Судиите и обвинителите имаат обврска да испорачаат владеење на правото, во кое законот е еднаков за сите. Правдата во една држава не е избор, туку должност на оние кои во име на граѓаните ги водат институците, поради што имаат и обврска да се отчетни, транспарентни, чесни и правични, пред себе и пред граѓаните.

Преодната Влада беше формирана со цел да организира фер и демократски избори, ќе одговори ли Владата на оваа обврска пред граѓаните?

Да, оваа Влада мора и ќе одговори на обврската да организира и спроведе здравствено безбедни и фер и демократски избори. Точно, преодната Влада беше формирана да организира и спроведе фер и демократски избори, како обврска од Пржинскиот договор за формирање техничка Влада со таа должност, три месеци пред изборите, што беше преточено и во законска обврска. Тоа и беше направено, но во меѓувреме се случи и здравствената криза со корона-вирусот, којашто никој не можеше да ја предвиди и тоа предизвика одложување на изборите коишто, по политичкиот договор, се распишани за 15.јули. Навремено и одговорно се справуваме со сите предизвици од здравствен и од економски аспект, под исклучително специфични околности во коишто фукнционира целиот свет и уверен сум дека ќе одговориме и на нашата обврска за фер и демократски избори. Во тек се сите потребни подготовки. На состанокот што пред неколку дена го имав со претставници на ДИК, а на којшто беше присутен и министерот за здравство, соопштивме дека Владата е подготвена да помогне на ДИК во организацијата и спроведувањето на изборите, вклучувајки ги и препораките за безбеден изборен процес од здравствен аспект и потребната коминукација помеѓу институциите се реализира. Покажавме, во изминатите три години, како чесна и одговорна Влада, дека кога постои политичка волја, може да се организираат фер избори, на коишто во мирен и демократски амбиент, граѓаните го остваруваат своето гласачко право и одлучуваат кому ќе го доверат мандатот да ја води државата во следните 4 години. Порачувам  да не помисли некој да работи поинаку од своите професионални, законски, уставни должности. Институциите, граѓаните, партиите, се должни да придонесат секој да гласа на фер и демократски избори, во безбедни услови по здрвјето на гласачите.  Ова се важни избори, државата ја извадивме на прав пат, стана членка на НАТО,  ЕУ донесе одлука за почеток на преговорите со нашата држава, направивме пресврт од режимски систем во држава којашто напредува и треба да продолжиме со нови иницијативи по тој пат, во заштитата на јавното здравје и за брза трасформација и развој на економијата. Следен чекор по тој пат се фер и демократски избори.

Премиер сте на преодната Влада подолго отколку што се очекваше. Што за Оливер Спасовски беше најголем предизвик, по што ќе го паметите овој шестмесечен период на чело на Владата и со какво исксутво ја заокружувате должноста што ја презедовте? 

Имате право, да се раководи Владата во изминатиот период беше голема чест, поради довербата што ми беше дадена, но и голема одговорност поради предизвиците во него. Тргнавме со обврската да овозможиме организирање и спроведување фер и демократски избори. Такви избори организиравме и во изминатите две и пол години и во тој момент предизвикот беше да се задржи и одржи тој демократски капацитет и дух, со што ќе покажеме дека не само што излеговме на правиот пат, туку и се движиме по него.  Во меѓувреме требаше да покажеме одржливост на реформскиот процес и натамошен напредок на започнатите реформи. Во претходните две и пол години, тогаш премиерот Заев и Владата донесоа храбри одлуки со коишто ги отворија евроатлантските перспективи. Со ништо не смееше да се загрозат овие процеси, напротив требаше да се придонесе за нивното заокружување. И членството во НАТО и одлуката за почеток на преговорите со ЕУ се жива историја што ќе ја памети секој од нас, можеби и уште повеќе ако се земе предвид дека не можевме ни да се израдуваме како што би го направиле тоа ако не беше светската пандемија. Здравствената криза отвори поинакви предизвици, за справување со невидлив непријател што го напаѓа здравјето на граѓаните, битка да се сочува јавното здравје, битка да оздравување на болните, за помош на семејствата кои загубиле близок, на некого за враќање во родната земја, на некого за неопходно патување во друга држава, да се сочува секое работно место што е можно, да се помогне на претпријатијата и бизнисите да опстанат. Секој состанок на Главниот Кризен Штаб наутро или седница на Владата е една таква битка, да се направи `се што е возможно, за секого. И затоа и замолуваме, апелираме, бараме, секој да се однесува одговорно. Секој од нас како луѓе и како професионалци се справува со разни предизвици што ги носи животот и учи од нив.  И да, оваа ситуација навистина донесе и за мене искуства, верувам како и за други граѓани, како на пример околу нијансите обврска и обврска, успех и успех, предизвик и предизвик, храброст и храброст, тага и тага, радост и радоост… Оваа здравствена криза верувам дека на сите ќе ни го врати чувството на припадност и на почитувањето и ќе `не натера да сфатиме дека заедничкиот успех е тој кој носи успех на секој од нас. Да мислиме на јавното здравје, да бидеме посветени на општото добро и ќе биде добро за сите граѓани во нашата држава. Можеме и ќе успееме во тоа.

(В.А.)

 

 

Треба да знаете
Последни објави