Search

Нон-пејпер на Франција за проширувањето: Постепено зачленување, построги услови, реверзибилност на процесот

Франција испрати таканаречен „нон-пејпер” до земјите-членки на ЕУ, барајќи „обновен пристап” во процесот на проширување кон земјите од Западен Балкан. Исто така, од Европската комисија се бара до јануари 2020 година да објави нова методологија во процесот на пристапување, што ќе се применува при започнување на пристапните преговори со земјите кандидати.

Во овој документ, официјален Париз ја реафирмира „недвосмислената поддршка” на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и смета дека целиот регион припаѓа на Европа по својата историја, култура и географија.

„Поблиски врски со Европската унија се единствениот начин овие земји да се консолидираат, врз основа на владеењето на правото и отворени и плуралистички општества, кои се занимаваат со својот економски и социјален развој”, се наведува во францускиот документ.

Додека се чека одобрување од земјите – членки за процес кој не бил менуван во последните 50тина година, француската позиција е обновен пристап кој се заснова на четири принципи : Постепено пристапување, построги услови, материјални придобивки и реверзибилност на процесот.
Според новите правила на Париз, откако една земја ќе добие зелено светло за отпочнување преговори, интеграцијата нема да биде истовремено отворање на голем број тематски поглавја, туку на неколку последователни фази и шема претходно поставена од ЕУ. Владеењето на правото и фундаменталните права остануваат клучен услов, а етапите се како школски ситем – нема учество  во политиките на ЕУ од следната етапа, ако не е завршено започнатото.

Официјален париз бара целокупниот процес на придружување да биде „постепен и поттикнувачки”.

Клучен момент е реверзибилноста, која во зависност од сериозноста на проблемот би се движела од повлекување на финансиите до стопирање на процесот.

„Одговорот на Европската унија би бил постепен. Тој би бил пропорционален со големината и сериозноста на забележаниот неуспех: од суспендирање на придобивките, до чекор наназад во процесот, или дури и општа суспензија ако се оспорат основните вредности на Европската унија (како што може да се случи во тековниот процес).“

Од друга страна како награда се овозможува зголемена финансиска помош и пристап до структурни фондови, но тоа е ставено само како можност за разгледување, а не како конкретно барање.

„Може да се разгледа и можноста земјите кандидати да се квалификуваат за користење на структурните фондови. Земјите-кандидатки би можеле да добијат дел од структурните фондови за кои би биле квалификувани кога ќе станат членки во Европската унија, врз основа на постепено зголемување според фазите што ги завршиле и реформите што ги спровеле.“

Комисијата редовно ќе го оценува и следи процесот, а Советот ќе има зајакнета улога
бидејки земјите кандидатки ќе бидат вклучени во секторските политики. Париз бара и годишни средби на Европскиот совет со земјите од Западен Балкан, со цел да се решат прашањата од заеднички интерес како што се регионалните односи, конекцијата со не-европски партнери и соработката во областа на правдата, внатрешните работи и економијата.
Доколку документот добие зелено светло од европските партнери, Комисијата  до јануари 2020 година треба да ја објави нова методологија.

Треба да знаете
Последни објави