Search

НВО „Хрватско-македонска тангента” со реакција до ЕУ за објаснувачкиот Меморандум на Бугарија

Управниот одбор на меѓународната невладина организација „Хрватско-македонска тангента” енергично го отфла како крајно неприфатлив објаснувачкиот Меморандум на Република Бугарија упатен до Европската унија.

– Во текстот се сугерираат апсурдни корекции во делот на нормативната материја која се однесува на претстојната пристапна конференција на РСМ и ЕУ закажана за декември 2020 година. Во таа, евидентно негативна и анахрона констелација, сублимиран е ирационалниот став дека „македонскиот јазик е регионален дијалект на бугарскиот јазик”. Европските вредности не подразбираат негирање на посебноста на чиј било јазик, ниту националност во ЕУ, ниту пак, негирање од кој било сосед, нагласуваат од „Хрватско-македонска тангента”.

Оттаму потенцираат дека такви постапки можат да бидат пречка за која било земја – аспирант кон ЕУ и во случајот може да биде пречка на РСМ во процесот на нејзиното зачленување во Европската унија.

– Чест ни е да ве потсетиме дека македонскиот јазик е национална вредност и историска реалност, конфирмирана и кодифицирана многупати во поновата историја, велат од невладината организација.

Управниот одбор и членовите на „Хрватско-македонска тангента”, како што велат, се длабоко уверени дека земјите членки на ЕУ ќе го разгледаат внимателно Објаснувачкиот меморандум на Владата на Република Бугарија и нема да дозволат идеолошки предрасуди и позиции да влијаат врз преговарачката рамка.

– И затоа со право очекуваме дека ЕУ ќе ги цени и почитува овие фундаментални постулати, кои се благороден и универзален императив за сите членки, потенцираат од Хрватско-македонска тангента.

Треба да знаете
Последни објави