Skip to main content
Македонија

Мицкоски: И без овој извештај како прв човек на Владата знам дека граѓаните живеат тешко 

30/10/2024  19:15

Денес го добив извештајот на Европската Комисија кој се однесува на изминатата една година поточно за периодот септември 2023 и септември 2024. Опфатени се практично три влади, една политичка влада, една техничка влада и една влада која беше избрана на 23 јуни оваа година. Мора човек реално да пристапи на работите и реално да разговара за заедничките предизвици кои ни престојат како држава. Нема да кажувам дека со само два месеци кои се опфатени во извештајот дека сме направиле чуда, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Притоа тој додаде:

„И без овој извештај како прв човек на Владата знам дека граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и она што можеби за мене претставува клучен приоритет а тоа е борбата против корупцијата.

Сепак е добро кога ќе се добие и квантификација и една реална слика за состојбите. Со извештајот добиваме една реална, објективна слика за состојбите за целокупната подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, како и за тоа што било направено во текот на изминатата година. Детектиран е добар или одреден напредок во некои области, но и ограничен или недоволен односно нема никаков напредок во повеќе други области и теми од Европското законодавство и стандарди.

Она што ме охрабрува е што и во овој кус период на новата Влада, Европската комисија ги препознава напорите за борбата против корупцијата, нешто што не беше случај во минатиот извештај.

Како и претходните години, најголемите слабости повторно се детектираат се однесуваат на кластерот 1- темели, односно на деловите поврзани со правосудството, реформа на јавната администрација.

Нашите претходници требало и морало да направат повеќе и подобро, но да го оставиме тоа зад нас, мора да ги надминеме политичките препукувања и да се фокусираме на она што треба сите ние заеднички да го направиме. Немаме време за губење.

Не’ очекува уште многу работа, сите нас, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен и сеопфатен процес. Затоа ве уверувам дека ние како нова Влада работиме интензивно и посветено за подобрување на состојбите во сите области, особено во оние области на живеење каде проблемите и слабостите на системот се најголеми. За тоа ни е потребен ангажман од сите нивоа на власт- извршната, но и законодавната и судската, како и од нашата администрација, и останатите чинители во општеството – приватниот сектор, граѓанското општество, академската заедница итн.

Нема отстапување од реформите, бидејќи тоа е единствениот начин за да го подобриме животот на нашите граѓани и да го зајакнеме македонското досие на патот кон членство во ЕУ. Не само заради технократско исполнување на условите, туку заради суштествено помрднување напред и европска трансформација во вистинска смисла на зборот. Тоа е наша обврска за обезбедување подобра сегашност на сите нас и подобра иднина за следните генерации.

Знам дека граѓаните се уморни од целиот процес, и дека неоправдано сме во чекалницата, но единствената одржлива и стратешка цел за иднината на сите останува членството во Европската Унија, рече Мицкоски.