Search

Лидерот на шпанската партија Вокс вели дека ќе ги забрани сепаратистичките партии

Сантијаго Абаскал, лидерот на популистичката шпанска партија Вокс, вети дека ќе забрани сепаратистички партии во Каталонија, фалејќи ја притоа шпанската монархија, пренесува „Брејтбарт Лондон“.

Абаскал смета дека трите главни гранки на шпанската влада не успеале да се изборат против подемот на каталонскиот сепаратизам и рече дека ниту една партија освен Вокс не се борела против сепаратистичкото движење.

„Шпанија е во критичен момент кога трите сили не успеаја: извршната власт зашто е во сојуз со истите оние кои сакаат да ја уништат Шпанија, законодавниот дом зашто со својата неактивност им овозможи на сепаратистите да стигнат до оваа точка и судството затоа што донесе пресуда по мерка на владејачката партија и нејзините сепаратистички партнери “, рече тој.

Иако критичен кон трите гранки на владата, Абаскал ја пофали шпанската круна на чело со кралот Фелипе Шести, велејќи:

„Единствената институција која живеела низ историските моменти на Шпанија и единствената што ги исполнила своите обврски кон шпанскиот народ е круната“.

Абаскал додаде дека Вокс ќе бара да се воведе вонредна состојба според Член 116 од шпанскиот Устав за враќање на редот и уставната законитост во Каталонија.

„Откако ќе се врати уставниот поредок, ќе продолжиме да бараме забрана на сепаратистичките партии“, рече тој.

Абаскал ја коментираше и групата „Демократско цунами“ која е под истрага на шпанските власти и која неодамна дистрибуираше лажни бординг-пасови на аеродромот „Ел Прат“ за да го наруши воздушниот сообраќај.

„Групата „Демократско цунами“ е нова алатка на сепаратизмот за дестабилизација на Шпанија преку насилни дејства насочени кон рушење на нашата татковина и потчинување на луѓето од Каталонија“, рече тој. „Каталонските олигарси охрабруваат насилни групи да создадат хаос со општ благослов“, додаде тој.

Групата е споредувана со демонстрантите во Хонгконг поради нивната децентрализирана природа.

„Јутјуб“ го избриша каналот на Вокс што најверојатно ќе ги заостри тврдењата дека „Гугл“ активно го потиснува ширењето на десничарските и конзервативните содржини. Вокс забележа раст во популарноста освојувајќи 11 отсто од гласовите на минатогодишните регионални избори во Андалузија.

Во април, партијата за прв пат влезе во шпанскиот национален парламент. Поради немање договор за коалиција, Шпанија се соочува со уште едни избори во ноември. Една неодамнешна анкета покажува дека Вокс има поддршка од околу 10 отсто.

Треба да знаете
Последни објави