Интегрален текст од соопштение за јавност на Левица:
До Левица пристигнаа видео и фото материјали од нелегални дејствија во насока на загрозување на животната средина и здравјето на луѓето, спроведени директно од претпријатието надлежно за одржување на чиста и здрава животна средина во општина Гази Баба – ЈКП „Гази Баба” 2007.
На материјалите може да се забележи службено возило (камионче) на ЈКП Гази Баба, фатено на дело како транспортира и одлага отпад во с. Јурумлери, создавајќи дива депонија. Овој процес на крај се завршува со согорување на нелегално одложениот отпад.
Граѓаните наместо да го дишат чистиот воздух и да ги користат придобивките на здравата животна средина, ветена во предизборната програма на градоначалникот Бобан Стефковски – живеат во загаден и животозагрозувачки амбиент, а извор на ваквиот проблем, видно, е токму градоначалникот.
Погодени од овие штетни, крајно безобразни и безобѕирни политики на кадрите на ДПМНЕ, не се само жителите на Гази Баба во с. Јурумлери, туку и на околните места, особено Долно Лисиче, коишто исто така се изложени на токсиниот воздух.
Вредно да се истакне е дека и после два дена од обелоденувањето на овој скандал, нема никаква реакција од градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, ниту пак од првиот човек на ЈКП Гази Баба, Игор Атанасовски.
Оттука ги прашуваме кадрите на ДПМНЕ во Гази Баба: Дали зад овој молк се крие уште поголем скандал за подмолна бизнис зделка? Дали по иницијатива на Бобан Стефковски и Игор Атанасовски, вон сметководствената евиденција се наплаќа транспортирање и одложување на отпад создавајќи диви депонии?
Ги повикуваме сите надлежни институции, вклучувајќи го и Јавното обвинителство да поведат постапка за ова евидентно загрозување на животната средина, природата, здравјето и безбедноста на граѓаните. Доколку истите во најкус можен рок не постапат по допрен глас, Левица ќе поднесе кривична пријава против кадрите на ДПМНЕ и сите инволвирани во овие неодговорни и скандалозни дејствија.
Време е да се стави крај на самоволието кое директно влијае на квалитетот на животот на граѓаните и ја уништува животната средина. Граѓаните заслужуваат чиста и здрава средина, а не токсичен воздух и диви депонии!