Интегрален текст од Прес-конференција на координаторката на Програмскиот сектор Социјала при Политичката партија Левица – Катерина Јовановска:
„Владата предводена од ДПМНЕ-ВРЕДИ и ЗНАМ, наместо да креира политики за зголемување и подобрување на пензионерскиот стандард – истата работи против интересите на идните пензионери!
Загрижувачки се информациите дека Владата, по препорака на Фискалниот совет, има намера да ја зголеми границата за пензионирање на 67 години.
Македонија со години се соочува со одлевање на млада и работоспособна сила која поради погрешните трудови политики, приоретизирањето на останати критериуми како етничката припадност, наместо стручноста и компетентноста; поради ниските плати; повредите на работничките права – сѐ повеќе ја бараат среќата вон државата.
Ваквите политики коишто Владата има намера да ги преземе, не само што нема да ги задржат младите тука, туку истите, дополнително, ќе стимулираат нивно отселување надвор од државата.
Левица е категорично против зголемувањето на старосната граница за пензионирање. Нашиот став е јасен и непроменлив: Старосната граница за пензионирање треба да се намали на 60 години за жени и 62 години за мажи. Исто така, предлагаме да се утврди минимална пензија и изградба на дополнителни старечки домови.
Бидејќи изговорот со кој Фискалниот совет ги предлага овие мерки се надминување на финансискиот јаз и дупка во ПИОМ, ѝ препорачуваме на Владата теретот за лошата ликвидна состојба на ПИОМ да не го префрла врз пензионерите, туку да направи итна ревизија на финансиското работење за ПИОМ, да ги уапси криминогените структури коишто работеа со Фондот и во иднина да креира домаќинско работење на истиот.
Левица ќе се спротистави на спроведувањето на ваквите погрешни политики и нема да дозволиме зголемување на старосната граница за одење во пензија!
Пензионерите заслужуваат подобар и достоинствен живот!”
Левица: Не за пензија на 67 години
03/12/2024 15:48