Search

Конгрес на СДСМ: Ако ја демократизираш партијата истото ќе го направиш и за државата

За прв пат во политичката историја на македонската демократија, една партија, во случајов СДСМ, на непосредни, директни избори, ќе го избира својот претседател. Тоа значи дека секој член во партијата ќе има еднакво право да одлучува кого ќе избере за лидер. Оваа практика е сосема нова и преставува голем придонес кон демократските процеси во државата. СДСМ прв ја сфати поентата на демократијата и започнува да ја применува во своите редови. Во иднина, не само партискиот претседател, СДСМ очекува дека и изборните кандидати за локалните избори следната година, како и за некои парламентарни, ќе се избираат на истиот начин, по принципот вреднување на сечиј глас.
Во изминатите 30 години политичките партии постојано ја нагласуваат демократијата како европска и цивилизациска придобивка и уверуват дека ги следат демократските начела во практицирање на власта. Но, дали секогаш е така? Декларативните заложби не значат и нивно реално спроведување во практика. Сведоци сме дека демократијата повеќе постои на хартија отколку што се применува и почитува. Оттаму можеби тргнува идејата на СДСМ за интерно демократизирање. Ако партијата се реформира кон подобрување на демократските капацитети и ако самата создаде реален демократски систем на функционирање тогаш јасна е намерата дека сака и демократизација на државата. Сега СДСМ е во предност кога зборува за европски, демократски и цивилизациски вредности.
Речиси сите политички партии се декларираат за демократски, ама лидерите секогаш се деспоти во владеењето. Уште ако ги имаат под контрола, а ги имаат, органите на одлучување, тогаш лесно го продолжуваат лидерскиот мандат. Сега во СДСМ повеќе не може да биде така. Не може или е крајно тешко некој да го има целото членство под контрола, па лесно да биде избран за претседател. Затоа ова е добар начин, покрај негувањето демократски вредности, да се натера лидерот на поголема одговорност и исполнителност.
Овој потег на СДСМ позитивно може да влијае врз членовите кои не го ревидираа членството пред неколку години кога партијата се пребројуваше. Сега тој процес се актуелизира. СДСМ ќе мора одново да го евидентира членството за да може на пролет на гласа за претседател. Но, можноста да гласа за избор на партиски лидер може да натера многумина да го активираат членството во СДСМ. Едноставно, сега секој партиски член има еднаква можност за одлучување.
Иако навидум потегот е ризичен, СДСМ со ова испрати порака дека намерата им е целосно демократизирање на државата. Ако почнеш од дома тогаш јасен станува планот што сакаш надвор. Ова е позитивен пример што е добро да го следат и останатите политички партии, особено ВМРО ДПМНЕ која и понатаму тешко се ослободува од криминалната матрица. Христијан Мицкоски не се повлече после изборниот пораз, а самиот тој не беше на ниту една изборна листа. Изборното соочување го избегна за да мисли дека одговорноста му е помала. Но, таму не е проблем само тој. Целата партиска поставеност е таква што му остава целосна контрола на лидерот, практика воспоставена во времето на Никола Груевски.
Затоа Мицкоски после поразот на избори не се повлече, туку направи кадровски смени во партијата за да ја зацврсти својата позиција. Постави луѓе од доверба кои секогаш ќе бидат зад неговиот лидерски мандат. Тоа е она што го споменавме, партијата се декларира за демократска, а лидерот е деспот на кого никој ништо не му може, се додека главните партиски играчи се избрани и контролирани од него лично.
Уште долго време на Мицкоски нема да му одговара демократизирање на партијата, особено во период кога голем број видни членови јавно се противат на неговите политики и методи за водење на партијата и кога постои едно цело крило на кое влакно му фали да формира ново ВМРО. Во една ваква ситуација сигурно Мицкоски не може да се надева на лидерски мандат добиен со гласови на членството, туку кариерата му е извесна само ако го избираат делегати врз кои има контрола. Уште пак ако се знае дека голем број актуелни и поранешни партиски функционери на ВМРО ДПМНЕ кривично се гонат, тогаш практиката со недопирлив претседател ќе продолжи до недоглед.
Оттаму, сите изустени зборови за демократија и демократско однесување на Мицкоски му паѓаат во вода, оти сега секој има аргумент да му го каже во очи- дека тој не сака и нема капацитет да ја демократизира партијата, а не пак државата.

Треба да знаете
Последни објави