Search

Кацарска не ја дискриминирала Јанкулоска поради мајчинството, оцени Уставен суд

Уставниот суд на седницата одржана на 25 декември 2018 година донесе решение со кое го отфрли барањето на ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска за заштита на слободите и правата.

Јанкулоска преку полномошникот Влатко Илиевски, адвокат од Скопје, од Уставниот суд бараше да се произнесе за член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија што се однесува на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол и политичка припадност во остварувањето на правото на мајчинство и правото на породилно отсуство.

Според барањето доставено до Уставниот суд, судијката Добрила Кацарска закажувала и одржувала интензивна динамика на судење на Гордана Јанкулоска во предметот „Тенк“, прекинувајќи и го на тој начин породилното отсуство, со јавно кажани закани дека обвинетата присилно ќе биде донесена на судење доколку не се појави на закажаните рочишта, сакала да ја оствари целта во најбрз можен рок да ги исполни формалните претпоставки за донесување на веќе објавената одлука по однос постоењето на вина на Гордана Јанкулоска.

Уставниот суд констатирал нема надлежност да одлучува за права и интереси на граѓани по конкретни предмети од надлежност на судовите и други државни органи, ниту може да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени уставноста и законитоста на нивните одлуки и преземени дејствија.

Конкретниот акт, односно пресудата на Основниот суд Скопје 1 Скопје не е сè уште правосилна и не претставува конечен или правосилен акт врз основа на кој може да се бара заштита за сторена повреда на слободи и права.

Треба да знаете
Последни објави