Search

Кардинал Бечиу: Папата ми ја побара оставката бидејќи сум давал пари од Ватикан на моите браќа

Италијанскиот кардинал Џовани Анџело Бечиу денеска  изјави дека неговата изненадувачка оставка ја изнудил папата Франциск, кој го обвинил дека пари од Ватикан користел за да им помогне на своите браќа и сестри, јави ДПА.

Кардиналот Бечиу (72) синоќа се откажа од челната позиција во одделот за канонизација во Ватикан. Тој, исто така, се откажа и од кардиналните привилегии, што меѓудругото вклучуваат и право да учествува на папските избори.

-Светиот Отец ми објасни дека наводно сум ги фаворизирал своите браќа и нивните активности со пари од Државниот секретаријат. Но, јас можам да објаснам, изјави Бечиу за италијанскиот весник „Домани”.

Бечиу оставката ја поднесе пред неделното објавување на напис во неделникот „Еспресо”, на чија насловна страница, што е однапред најавена, стои насловот: „Истерување на трговците од Храмот”.

Според „Домани” и други документи, вклучително и на „Ла Република”,  Бечиу и дал најмалку 600.000 евра на организација за добротворна хуманитарна соработка, што ја водел неговиот брат во родната Сардинија.

-Можам да потврдам, за сето тоа има сметки. Што не е во ред со тоа? праша Бечиу, посочувајќи дека парите се исплатени на локалниот огранок на католичката добротворна организација Каритас.

Кардиналот, исто така, наводно обезбедувал договори во вредност од „стотици илјади евра” за компанијата управувана од неговиот, втор брат, која работела со врати и прозорци. Компанијата работела за амбасадите на Ватикан во Египет и во Куба кога Бечиу во овие земји бил амбасадор. Кардиналот тоа му потврди на весникот „Домани”.

-Не украдов ниту едно евро. Не знам дали сум под истрага, но тие ќе ме испратат на судење, ќе се бранам, изјави кардиналот, пренесува ДПА.

Треба да знаете
Последни објави