Search

Здравствената состојба на повредените во експлозијата во Романовце непроменета

Здравствената состојба на тројцата повредени во експлозијата на плинска боца во кумановското село Романовце е крајно тешка, a oсобено на двете жени кои се наоѓаат во Единицата за интензивно лекување и нема никаква промена во однос на нејзино подобрување, изјави денеска директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар – ТОАРИЛУЦ, Илир Хасани.

– За жал, не можам да Ви кажам никаква добра вест во моментов. Состојбата на мажот кој се наоѓа во Единицата за интензивно лекување на Клиниката за неврохируршки болести е исто така непроменета. Тој е во тешка, но стабилна состојба. Сите тројца се на апарати за дишење. Во моментот се во кома, значи дека организмот реагира и се влошува, додаде д-р Хасани.

Од Универзитетската клиника по хирушки болести „Св.Наум Охридски” информираа дека и натаму во животозагрозувачка состојба е 31-годишната жена повредена во експлозијата на боца во Романовце, која има 80 проценти изгореници по телото.

– Состојбата е непроменета и е иста како и вчера. Во релативно стабилна состојба се десетгодишното дете и 28-годишната бремена жена. Се преземаат сите мерки за подобрување на здравствената состојба на повредените, посочуваат од Клиниката.

Експлозијата на боца во Романовце се случи завчера. Животот го загубија четири лица.

Треба да знаете
Последни објави