Search

ЕП со изборот на Урсула фон дер Лејен го избра патот на опуштање на односите со Советот на ЕУ

Со тесно мнозинство, европратениците синоќа избраа да ја следат волјата на земјите-членки со назначување на Урсула фон дер Лејен да претседава со Европската комисија. За непречено функционирање на ЕУ, оваа комплицирана, но потврдена усогласеност на двете институции е добра вест, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Ништо немаше да биде полошо, ако се случеше и судир меѓу двете европски институции Советот и Парламентот, во време кога Брегзит сé уште го засенува небото на ЕУ. Во овој контекст, добрата вест е одлуката иако со тесно мнозинство на европратеници за поддршка – со 383 гласови од 747 гласачи – да се поддржи назначувањето од страна на 28 земји-членки на Урсула фон дер Лејен на чело на идниот состав на Комисија.

И покрај своите несигурни почетоци и покрај оправданото незадоволство на Зелените,кои се отстранети од клучните позиции во ЕУ од страна на двосмислениот сојуз меѓу конзервативците, социјалдемократите и либералните центристи, идниот германски шеф на ЕК треба да ја отелотвори кохезијата и цврстината на овој заеднички суверенитет толку критикуван од националистите.

Тешката потврда на нејзиното назначување е пред сè начин да се земе предвид нејзиниот збор. Во својот говор за политиката која ќе ја води, вчера во Парламентот во Стразбур, сега поранешна министерка и блиска на Ангела Меркел се обврза за амбициозна климатска политика, заштита на правата на жените и реформа на политиката на ЕУ за азилот. Пратениците по спорното гласање издадоа предупредување: тие нема да се двоумат да ги доведат во прашање идните кандидати за позициите на еврокомесарите назначени од главните градови и да одлучуваат од случај до случај дали да ги поддржат идните предлози за директивите на ЕУ. Еден вид на предупредување: Европскиот парламент, кој би требало да претставува 450 милиони граѓани на ЕУ, секогаш е посилен кога дејствува во име на општиот интерес, а не за заштита на оваа или онаа партиска или национална агенда.

Соочени со непопустливоста на Советот на ЕУ и посебно на некои земји членки за отворањето на преговорите за проширување, за земјите од Западен Балкан ќе биде многу важно да можат да сметаат на Европскиот парламент, барајќи решенија, наместо опструкции и движења на пркосење. Дури и со многу мало мнозинство.

Треба да знаете
Последни објави