Search

Едукацијата како превенција од пожари – важна за да се спасат животи и материјални добра

Љупчо Лепидовски, триесет години е пожарникар, а во изминатите неколку години и командир на Територијалната противпожарна единица од Велес, кој  целиот свој работен век работи во спасување на животи на граѓаните и материјалните добра при пожари и други несреќи. Тој последниве осум години, освен редовната работа во гаснењето на секаков вид пожари на отворен и затворен простор, првенствено е насочен кон едукација на учениците и вработените за превентивната заштита при пожари и на изведување показни вежби за спасување и евакуација.

ТППЕ Велес веќе осум години интензивно работи на превентивни показни вежби во училиштата и останатите јавни институции и  фирмите во градот и општината.

Лепидовски, кој и самиот ги иницира и редовно учествува во овие показни вежби, за МИА  информира  дека законска  обврска на институциите е на 12 или 24 месеци да прават обука за евакуација. .

– Тоа е дел од законот, а воедно и нас како пожарникари тоа ни е и како обука, да се запознаеме со распоредот на просториите во даден објект,  за во случај на пожар, да знаеме како побрзо да делуваме, потенцира Лепидовски.

Посочува дека во изминати осум-девет месеци поради епидемијата со Ковид оправдано нема показни вежби од пожари и други природни катастрофи. Но, потенцира дека надлежната локална власт под чија ингеренција се, мора да се изнајде начин, ТППЕ Велес да продолжи со редовната  превентивната едукацијата од пожари за учениците, наставниците и вработените во фирмите.

Ги повикува надлежните да помогнат да продолжи едукативната настава со почитување на превентивните мерки за заштита од Ковид  или преку изведување на онлајн едукативна настава.

Одлични резултати од  теоретската едукација и показните вежби  во изминатите години

Лепидовски  и неговите колеги од ТППЕ Велес преку симулација на пожар и други катастрофи во сите изминати години ги едуцираа наставниците и учениците како правилно да постапат и да го спасат сопствениот, но и животите на останатите. Потоа и дома учениците да ги едуцираат возрасните како тие да постапат во случај на пожар и други несреќи.

Тој во разговорот за МИА, вели дека показаните вежби за спасување и евакуација при пожар или други елементарни непогоди во училиште, треба да се изведуваат во училиштата два до три пати годишно.

– Значи со овие вежби тимот на училиштето, професорите и учениците се едуцираа практично,  како брзо без туркање и паника  да излезат од загрозениот објект и да се спасат од пожар или земјотрес. Имаме и нацртан план за евакуација  поставен  јавно на увид на ѕид во секое училиште и институција за тоа како подетално да се изведува евакуацијата во секое училиште,градинка и сите други објекти и институции во градот и општината. Наставниците и директорите и другиот кадар ги обучивме да знаат да ракуваат со противпожарните апарати кои  законски треба да ги има секое училиште и институција  и притоа да знаат како најбрзо да изгаснат пожар. Со многу успешно изведената вежби во училиштата, градинките и ученичките домови, ние од тимот на ТППЕ Велес покажавме дека заеднички можеме успешно да се справиме при пожари и други  несреќи и катастрофи, потенцира Лепидовски.

Тој со својот тим ги едуцира и обучува, а потоа практично и преку показни вежби  и вработените во јавните институции и фирмите како да се заштитат од пожари, но и како брзо и правилно да дејствуваат во случај на пожар.

Под итно да се оспособат хидрантите во зградите и помошните скали за пожар

Во изминатите години едуцирани се и куќните совети во повеќекатниците. Најважно е, вели Лепидовски, во зградите да има исправни хидранти и помошни скалила.

-Помошните скали во висококатниците, станарите под итно треба да ги ослободат од стар мебел, бела техника и други непотребни работи со кои се затрупани. Тие се поставени и наменети при случај на пожар во висококатниците, додека да пристигнат пожарникарите, станарите посебно оние од повисоките спратови, да можат навреме и сами да делуваат и да се спасат, апелира Лепидовски.

Тој со жалење констатира дека започнатата соработка со месните заедници и локалната власт во таа насока е прекината и пред епидемијата на Ковид  и дека треба итно да продолжи.

Посочува дека застрашувачки е тоа дека дури 90 проценти од хидрантите во велешките згради и повеќекатници се неисправни.

Лепидовски информира дека за нивна реконструкција се потребни околу пет илјади евра, но  додава дека тоа не е премногу во споредба со тоа што можат да изгубат станарите, ако  во случај на пожар немаат исправен хидрант.

-Спасување на секој живот е бесценет, а  воедно и  нивните станови чинат многу повеќе пари  од пет илјади евра колку што чини еден хидрант, а  кој со закон мора да го има секоја зграда. Хидрантот е драгоцен во заштита на човечките животи и материјални добра на станарите  во случај на пожар, вели Лепидовски.

Неисправноста на хидрантите во многу згради, смета Лепидовски, е последица на несовесното однесување на дел од станарите или претседателите на куќните совети кои кај себе ги имаат  клучевите од хидрантите.

-Тие наместо да ги одржуваат и да се грижат хидрантите да бидат секогаш во исправна состојба, според поплаките и реакциите  на останатите станари, најчесто ги злоупотребуваат  цревата за вода. Со  нив го наводнуваат зеленилото пред зграда или ги носат во своите викендички за наводнување на зеленилото и бавчите. Со тоа  го загрозуваат својот, но и животот на сите станари во зградата и материјалните добра, посочува Лепидовски.

Превентивата е најдобра заштита од пожар, а во случај на пожар, треба правилно и брзо да се дејствува

Превентивно се едуцираат и сопствениците на фирми и вработените како да се спречи појава на пожари во фабриките и како во случај на пожар, вработените навреме и брзо да знаат да  ракувааат со апаратите за гаснење на пожар. Воедно се обучуваат и сите вработени да знаат како без паника и најбрзо  да се евакуираат од објектот во кој работат.

Како пример го посочува случајот во кој сопственик на фирма кој изминатото лето изведуваше градежни работи  на викендичка во околината на Велес, доколку ги презел сите превентивни мерки од пожар, тогаш од искрите од брусилицатаза кратко време не би настанал пожар. Пожарот ја зафатил сувата  трева, а потоа многу брзо и шумата.

Во пожарот за кратко време беше зафатена огромна површина и за околу десет часа  изгоре површина од четири илјади хактари,  од кои половината борова шума стара 50 години која ја садеа велешани.

Лепидовски е дециден дека во случај на пожар вработените треба да знаат како веднаш брзо и без паника  да делуваат и пожарот да го локализираат и  изгаснат и да спречат  да се прошири.

Тимот на ТППЕ ги едуцира и земјоделците

Тимот на ТППЕ  заедно со командирот Љупчо Лепидовски секоја година во пролет ги едуцира и земјоделците да не ги палат стрништата по жетвата во лето или во есен да не ги палат трева и остатоците од  градинарски и други растенија  од бавчите и оранжериите.

Тој информира  дека претставниците на ТППЕ можат само усно да ги предупредуваат и да им укажуваат но, за жал  не можат и  да ги казнат несовесните земјоделци  во населбите околу градот. Санкциите и казните, како што вели, можат  да го направат надлежните општински и државни инспектори за животна средина и надлежните од МВР, односно СВР Велес.

Рекреативците во Градскиот парк кој е во непосредна близина на реката Вардар од чија спротивна страна е населбата Речани  во која има градинарски бавчи, деновиве секојдневно  реагираат на загушувачки дим во паркот  во доцните попладневни часови, а кој  доаѓа  од бавчите од населбата  Речани, а од која  ги дели само  реката Вардар. За димот, но и опасноста од пожари,  реагираат и нивните сожители од населбата Речани. Тие посочуват дека несовесни сожители палат остатоци од градинарски растенија  и со тоа создаваат црни  облаци од чад, кои им го загадуваат воздухот и го отежнуваат дишењето и престојот на отворено.

Според стручни лица, горењето на вакви суви материи и стрништа е мошне опасно, бидејќи испуштат азотни оксиди и други отровни материи, кои се штетни по човекот и  животинскиот свет.

Редовни превентивни вежби за заштита и делување при пожари во училиштата и фирмите, привремено стопирани  поради состојбата со Ковид

За жал, поради епидемијата со Ковид, превентивните и едукативни предавања и вежби за заштита од пожари кои ги изведува Љупчо  Лепидовски со своите колеги- пожарникари од ТППЕ Велес, последниве осум-девет привремено стагнираат.

Лепидовски вели дека ако не може физички и практично да се изведуваат вежби поради состојбата со Ковид-19, тогаш можат барем  теоретски да ги едуцираат учениците и вработените со придржување на мерките за заштита од Ковид  или можеби преку  онлајн едукативна настава.

Во  последниве месеци, пожарникарските екипи од ТППЕ Велес,  кои секојдневно работат при гаснење на пожари и помагаат при сообраќајни и други несреќи, се ангажирани и на дезинфекција на јавните површини во градот.

Треба да знаете
Последни објави