Search

Дерковски за МИА: Измените на Изборниот законик да се донесат поскоро за да се имплементираат правилно

– Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Дерковски во интервју за МИА рече дека иако не се уште распишани, Комисијата се подготвува за предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 12 април. Во интервјуто за МИА Дерковски вели дека најавените измени на Изборниот законик кои се уште не се во собраниска процедура треба да бидат што поскоро донесени за да има време да се имплементираат правилно.

–  Работната група што ја предводи Министерството за правда, веќе подолг период работи на некои измени на Изборниот законик, со цел да се имплементираат одредени забелешки на мисијата на ОБСЕ и ОДИХР, меѓутоа и на некои други забелешки укажани од повеќе фактори коишто учествуваат во изборните процеси. Јас се надевам дека ќе се приближи кон некаков крај и дека навреме ќе имаме завршеток за да може и ние како ДИК да можеме навреме да се припремиме со новите изменети законски норми. Овие работи треба да се прават на време за да има доволно време да се имплементираат правилно, рече Дерковски.

Во интервјуто претседателот на ДИК ги повикува граѓаните да ја искористат можноста и уште денес преку веб-страната на Комисијата да проверат дали се или ги нема во Избирачкиот список и да не го чекаат јавниот увид.

-Не треба граѓаните да го чекаат увидот, и сега можат на веб страната на ДИК да се проверат дали се или не се и до колку има некаков проблем да го решат во нашите подрачни единици, или тука во ДИК или можат да ни пишат слободно на имејл, значи ни е да интервенираме, да ја поправиме таа состојба. Значи се работи и за право, меѓутоа и за обврска на граѓаните да интервенираат во самиот список, истакнува Дерковски.

Одговорно тврди, како што вели, дека фантоми во избирачкиот список нема, туку дека во Избирачкиот список има државјани коишто имаат наполнето 18 години и имаат живеалиште во Република Северна Македонија.

-Други нема затоа што и не може да има. Секој кој што стекнува државјанство веднаш се запишува во Избирачкиот список. Во државата има издадено нешто над два милиони и 400 илјади државјанства и тој е списокот, значи бројката од милион и 800 и некоја илјада е реална бројка на гласачи во нашиот Избирачки список, вели Дерковски.

До утрово, кога го правевме интервјуто со Дерковски, до ДИК немаше нови барања од техничките министри. Дерковски рече дека не знае дали ќе има, но потенцираше дека пред да се испрати барањето треба да се направат консултации за да не се заглавува во правни лавиринти.

-Можеби ќе има не знам во наредниот период. Но и на седницата кажав дека добро е да се консултиураме и ние и тие пред да направт каков било чекор. можеби нема потреба да се оди на овој пат, можеби да се решат проблемите со разговор. Се надевам дека да има многу такви случаи, рече Дерковски.

За опасноста на изборите да има помала излезност, претседателот на ДИК смета дека граѓаните треба да одат да гласаат и да го искористат своето право, бидејќи само еднаш во 3-4 години можат да го направат тоа.

МИА целото интервју заедно со видеоматеријалот ќе го објави утре.

Треба да знаете
Последни објави