Search

Дали зголемувањето на минималната плата може да се смета за „допинг“

Кристијан Кожески

Ѓунтер Мерџан

Во претходниот период, низ колумни и статии, во неколку наврати пишувавме за минималната плата, односно беше направен обид да се појасни суштината, како и целта која се сака да биде постигната со законската минимална плата.

Пред сѐ, ќе си земеме за право да констатираме дека прашањето околу системот на минимална плата крена премногу “прашина” во јавноста, т.е со сигурност може да се каже дека беше (и сеуште е) поле за политичка битка. Врз оваа основа, треба да се спомне констатацијата на Richard Freeman дека “дебатите околу ефектите на минималната плата се движат околу нулата”. Судејќи според оваа констатација, легитимно е да се постави прашањето –  зошто кај нас дебатите околу нивото на минималната плата се редовна појава? Одговорот ќе биде распределен во два сегменти, прво: прашањето околу минималната плата директно влијае врз заработувачката и квалитетот на живот врз работниците и нивните семејства. Второ, со самото тоа што е вонпазарно решение минимална плата директно влијае врз пазарната рамнотежа (влијанието не мора да биде негативно).

Од почетокот на декември, нето платата која ќе биде исплатена на работниците не смее да биде под 14 500 денари, што  значи дека секој вработен ќе добие зголемување од скоро 2000 денари во неговите месечни примања. Сепак, што се промени во претходниот период за да се дојде до зголемување од 2000 денари по работник? Дали во услови на отсуство на пораст продуктивноста на трудот зголемувањето на минималната плата ќе даде позитивни ефекти? Сметаме дека прашањето кое директно ги засега работниците, кое покрај економска во него има и социјална компонента е премногу сензитивно за вакви прилагодувања во многу краток период.

Дали ваквото зголемување на минималната плата ќе ја загрози благосостојбата на оние работници на кои треба да им помогне? Дозволете да  направиме едноставна компарација (иако прашањето е премногу сериозно), кога на еден спортист ќе му дадете додатоци во исхраната со цел зголемување на неговите перформанси, тие ќе бидат позитивно прифатени од неговиот организам и ќе влијаат благопријатно врз перформансите на спортистот без да имаат негативни импликации врз неговото здравје.

Сепак, од друга страна, доколку таквите додатоци се премногу силни (доколку спортистот користи допинг), во тој случај покрај тоа што на краток рок неговите перформанси ќе го достигнат максимумот, истите ќе предизвикаат долгорочни негативни последици врз неговото здравје, односно неговиот организам ќе престане да се бори да биде што подобар знаејќи дека ќе добие надворешен допинг (вештачка помош).

Во последните препораки од Светска Банка беше потенцирано да се внимава со парцијалните решенија т.е со зголемувањето на минималната плата. Односно без дополнителни комплементарни мерки во насока на зголемување на ефикасноста во стопанството, на среден рок ќе дојде до дополнително намалување на продуктивноста на трудот. Иако ваквите вонпазарни решенија се атрактивни и го привлекуваат вниманието на јавноста, дури може да имаат и краткорочен позитивен ефект, сепак не треба да се заборави дека главните ефекти од мерките поврзани со минималната плата доаѓаат со одредено временско задоцнување, т.е. потребен е одреден период да се види како ова зголемување ќе биде прифатено од бизнис секторот, дали ќе вијае врз ефикасноста и ефективноста на фирмите и тн.

На крај, треба уште една да се појасни дека,  на долг рок сепак пазарот е единственото поле за реално валоризирање на трудот, а порастот на продуктивноста единствениот начин за зголемување на благосостојбата на работниците.

 

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави