Skip to main content
Балкан

Вучиќ и Орбан во Будимпешта потпишаа политичка декларација

14/11/2024  18:09

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска во Будимпешта потпишаа Заедничка политичка декларација меѓу двете земји, а по седницата на Советот за стратешка соработка беа потпишани уште шест договори од областа на правдата, културата, европските интеграции и дипломатијата.

-Ние ќе ги прошириме нашите капацитети за гас во Унгарија, во складиштата што ни ги дадоа унгарската влада и унгарската држава. Во моментов имаме резерва 160 милиони кубни метри за оваа зима, но за 2025 и 2026 година мораме да ги наполнеме тие складишта за да можеме да бидеме сигурни дека имаме не само доволно гас, туку и доволно електрична енергија, рече Вучиќ и додаде дека во Србија ќе има се поголем број гасни електрани.

„Градиме далноводи и таа мрежа наречена Панонски коридор меѓу Србија и Унгарија, каде што ќе имаме помали загуби на мрежата и каде што преносот на електрична енергија ќе биде неспоредливо поголем отколку што е денес“, додаде тој.

Според него, Србија секогаш ќе биде сигурен партнер за Унгарија.

Што се однесува до пругата Белград-Будимпешта, Вучиќ изјави дека таа ќе биде готова за година и пол, а патувањето ќе трае само 2 часа и 45 минути.

Претседателот на Србија додаде дека се разговарало и за воено-техничката соработка меѓу двете армии и верува дека таа ќе се унапредува на различни начини.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан истакна дека Србија и Унгарија имаат исти амбиции.

-Она што е ново е ситуацијата во светот. Ние ја нарекуваме нова реалност предизвикана од исходот на американските избори. Сега успешни ќе бидат новите сили кои досега беа потиснати, смета Орбан.

Тој наведе и дека се истоветни одговорите на Белград и Будимпешта на новата реалност.

-На новата реалност ќе одговориме со продлабочување на српско-унгарските односи. Безбедноста мора да добие на значење во новата реалност, заклучи премиерот на Унгарија.