Search

Во Кисела Вода во ООУ„Кузман Јосифовски-Питу“ ќе се реализира мултиетнички проект „Градиме мостови”

Денеска секретарот на Општина Кисела Вода, Александар Алексовски оствари работна средба со психологот, Злата Анчевска и ученици од ООУ „ Кузман Јосифовски – Питу. На состанокот кој се одржа во просториите на Општината, Алексовски и Анчевска разговараа за реализацијата на претстојниот мултиетнички проект во ООУ „Кузман Јосифовски – Питу.

Проектот „Градиме мостови”, поддржан од Општина Кисела Вода, ОБСЕ и Волонтерски центар – Скопје има за цел во училиштето да собере ученици од различни етнички заедници и религии кои ќе се дружат и подобро ќе се запознаат.

Следниот месец, на ѕидот на ООУ „Кузман Јосифовски-Питу” учениците од истото заедно со своите врсници од основните училишта: „Лирија” од Општина Чаир, „25 Мај” од Општина Гази Баба и „Јоаким Крчовски” од Волково, Општина Ѓорче Петров ќе цртаат графити кои ќе испратат пораки за отргнување на предрасудите кои постојат во опшеството. Покрај ова, учениците од ООУ „Кузман Јосифовски – Питу” инспирирани од идејата да создадат амбиент за игра и спорт ќе понудат и можности за децата кои имаат потешкотии во психомоторниот развој.

На 11 јуни учениците од сите училишта учесници во проектот во Домот на АРМ ќе одржат заеднички завршен настан на кој ќе промовираат: двојазична песна, двојазична брошура со активности, активности на игри во училишен двор, а ќе испратат и пораки за меѓуетничка интеграција на младите.

Имено,  во рамките на проектот „Градиме мостови”,  ООУ „Кузман Јосифовски – Питу аплицираше со свој проект насловен „Сите сме заедно”.  Иницијатори на проектот се регионалниот координатор, Злата Анчевска, психолог, Гордана Ристеска, наставник по германски јазик и Вера Ангеловска, наставник по музичко образование од ООУ „Кузман Јосифовски – Питу”.

Треба да знаете
Последни објави