Search

Во Велес се одржа Првиот куп за стрелаштво за пионери до 15 години

Во организација на СК „Велес”, а под покровитество на МССФ денеска во Велес се одржа првиот куп за стрелаштво за пионери до 15 години. Се натпреваруваа 50-тина учесници од десет спортски стрелачки клубови од Прилеп, Битола, Охрид, Кавадарци, Скопје и Велес.

Првото место  во машка конкуренција со 178 круга од можни 200 го освои Бојан Спасеноски од ЖСК „Лихнидос” од Охрид, а во женска конкуренција со 182 круга прва беше Вероника Томеска од СК „Херои” Прилеп”.

Втор во машка конкуренција  беше Христијан Ристевски од СК „Стрелец” од Скопје, а трет Давид Лазарески од СК „Стрелец 09″ од Прилеп. Во женска конкуренција втора беше Ирина Јованоска од СК „Херои” од Прилеп, а трета Александра Шеракчиева од СК „Стрелец” од Скопје.

Селекторот на МССФ Јордан Тасевски за МИА изјави дека купот поминал во добра организација по сите пропишани стандарди и оти се постигнати одлични резултати.

– Овие млади натреварувачи кога ќе наполнат 15 години продолжуваат да се натпреваруваат по меѓународната програма за стрелаштво. Треба да потенцирам дека потоа од нив произлегуваат успешни натпреварувачи во јуниорска и сениорска конкуренција. Најдобрите  стануваат натпреварувачи во државната стрелачка репрезентација преку која потоа успешно ја претставуваат државата на европските и светски првенства, изјави Тасевски.

Освен државното првенство за стрелаштво, до јуни  е предвидено да се одржат уште два од вкупно трите купа во стрелаштво за пионери до 15 години. Од МССФ најавуваат дека вториот куп во стрелаштво за пионери ќе се одржи на 30 март. 

Треба да знаете
Последни објави