Search

ВМРО-ДПМНЕ на конвенција во Струга избира партиски кандидат за претседател

ВМРО-ДПМНЕ денеска на Конвенција под слоганот „За честита Македонија“ во Струга го избира партискиот кандидат за претседател на претстојните претседателски избори во Македонија.

Вкупно 551 делегат ќе избираат меѓу деветмина кандидати, кои се пријавија на партискиот конкурс. Во изборот за претседателската кандидатура ќе се натпреваруваат Гордана Силјаноска Давкова, Влатко Ѓорчев, Горан Ангелов, Илија Димовски, Сашо Култешовски, Никита Шекутовска, Васко Костов,Ѓорѓи Манасков… Кандидатите ќе имаат по 15 минути можност да ја претстават својата визија пред делегатите, а потоа предвидено е да се премине на гласање.

За избран кандидат, според деловникот на партијата, се смета оној кој добил најмногу гласови, но не помалку од една третина од вкупниот број делегати. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број или кандидатите добијат ист број гласови, гласањето се повторува. Во повтореното гласање учествуваат двајцата кандидати, кои добиле најмногу гласови на првото гласање, при што за избран ќе се смета кандидатот кој добил најмногу гласови на повтореното гласање.

,,ВМРО-ДПМНЕ преку транспарентен и демократски процес внатре во партијата, овозможува да биде избран кандидатот кој ќе го претставува мнозинското мислење граѓаните и ќе работи во согласност на Уставот и законите и во полза на сите граѓани на Македонија. Република Македонија мора да застане на здрави нозе. Со СДСМ државата секојдневно тоне, имаме уназадување во секој сегмент од општеството. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ на Конвенцијата поаѓа од тоа дека треба да се избере кандидатот кој ќе ги штити интересите на Република Македонија. Нашата заедничка цел е Република Македонија. Затоа потребно е лидерство кое ќе гарантира сигурност, заштита на државните и национални интереси, ќе гарантира правна држава и почитување на Уставот и законот и ќе обезбеди напредна, силна и честита Македонија.Република Македонија повеќе не смее да тоне, затоа со победата на претседателските избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе го најави почетокот на крајот на оваа власт”, најави партијата.

Треба да знаете
Последни објави