Search

ВМРО-ДПМНЕ бара укинување, а не одложување на Законот за зелени пазари

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ до Собранието ќе поднесе Закон за престанок на важењето на Законот за трговија на зелени пазари донесен од владејачкото мнозинство, соопшти координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Тој додаде дека Законот бил донесен во јануари 2018 година, во отсуство на ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ искористувајќи го отсуството на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од Собранието набрзина како и сите останати закони, го донесе овој штетен закон без никаква консултација ниту со пазарџиите, ниту со експертската јавност. Ваквото брзоплето и несериозно носење на Закон за трговија на зелени пазари денес во пресрет на изборен процес очигледно не им одговара на СДСМ, па сега одлучиле одложување на стапувањето на сила на законот за после изборите. Повторно една провидна мерка која не ги решава проблемите на пазарџиите кои што протестираа за ова штетно решение на СДСМ“, рече Мицевски.

Според него, СДСМ со одложувањето на примената на Законот не го решава проблемот на пазарџиите туку само го пролонгира сè со цел да не претрпи политичка штета за претстојните избори.

„Од друга страна, како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе поднесеме Закон за престанок на законот за трговија на зелените пазари со што сакаме да овозможиме оваа проблематика да се разгледа одново, да се слушне мислењето на пазарџиите, на експертската јавност, на пратениците од опозицијата и заедно да направиме едно квалитетно решение во интерес на пазарџиите. За таа цел, ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија ќе бара да се одржи и јавна расправа во рамките на Комисијата за економски прашања на која би се изнеле разни ставови и решенија“, рече Мицевски.

Тој најави дека во најбрз временски период претставници и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе се сретнат со сите засегнати страни со цел изнаоѓање на најдобро можно решение.

Треба да знаете
Последни објави