Search

(Видео) Заев: Македонија свети на Балканот и ја има поддршката од европските земји

Ја побаравме поддршката од земјите членки за процесите во ЕУ и во НАТО. Македонија се истакнува во позитивно светло во градењето пријателство, добрососедските односи, реформите и очекувањата се дека преку Македонија ќе продолжи проширувањето, рече премиерот Зоран Заев, по Самитот на шефовите на влади на земјите членки на Централно Европската Иницијатива што се одржува во Загреб.

Тој изјави дека не се сретнал со унгарскиот премиер Виктор Орбан кој исто така присуствува на самитот, иако синоќа и двајцата присуствуваа на вечерата што ја организираше хрватскиот премиер Пленковиќ, заедно со другите шефови на делегациите, но денеска Орбан не остана на Самитот.

„Во следна прилика ќе го искажеме очекувањето за одговор на барањето екстрадиција за Никола Груевски, бидејќи тој според меѓународните конвенции и законите мора да ја отслужи својата казна во Република Македонија“ рече премиерот Заев.

На прашањето дали има некаква порака од Хан, Заев рече дека еврокомесарот Јоханес Хан е задоволен од Македонија и од постапките во Парламентот и внатрешниот дијалог на власта со опозицијата. Еврокомесарот Хан, како што рече премиерот Заев, споделил очекување дека ова ќе го овозможи потребното двотретинско мнозинство во Парламентот за уставните амандмани, во согласност со Договорот од Преспа.

Тој во одговор за односите Белград Приштина децидно одговори дека и Србија и Косово се соседи на Македонија, дека нашата држава е посветена на добрососедските односи, дека не се меша ниту учествувала во какви било состаноци во врска со ова прашање и дека Република Македонија останува посветена на градењето добри односи со сите соседи.

Самитот на ЦЕИ помина со огромен медиумски интерес од медиуми од целиот регион. Шефовите на држави на влади на земјите членки на ЦЕИ, по работниот дел, се на заеднички ручек со домаќинот, премиерот Андреј Пленковиќ.

Треба да знаете
Последни објави