Search

БЕСА може да го условува спроведувањето на уставните измени во Собранието

Пратеникот Фадил Зендели, дел од крилото на БЕСА со кое предводи Биљал Касами вели дека во процесот на уставни измени, тие ќе поднесат нивни амандмани за унапредување на правата на Албанците. Тој вели дека според дебатата за нивните амандмани, ќе одлучат дали ќе поддржат усвојување на амандманите поврзани со договорот со Грција.

„Како политичка партија, навестивме дека ќе бидеме дел од процесот за донесување на уставните измени, а ќе интервенираме со уставни амандмани за унапредување на правата на Албанците. Не можеме да прифатиме, по 27 години, овие права да бидат за едни поубави времиња. Сметаме дека во овој момент се отвораат овие прашања, бидејќи ги засегаат Албанците. Треба овие прашања да се решат“, вели пратеникот Зендели.

Пратеникот вели дека прашањата за правата на Албанците кои тие ќе бараат да се унапредат, не произлегуваат од Охридскиот рамковен договор, туку од самостојноста на Македонија.

„Како политички субјект, БЕСА го поддржа договорот од Преспа и бевме дел од тоа мнозинство од 80 пратеници за да се отпочне постапката за уставни измени, со цел да се отвори патот кон ЕУ и НАТО. Ова беше важен чекор за државата да има демократско општество“, додава Зендели.

Зендели меѓу другото посочи и дека еден од амандманите ќе биде употреба на албанскиот јазик на цела територија на Македонија, додека останатите не се готови.

Процесот за национално помирување кој неофицијално треба да започне во среда и e најавен од премиерот Заев, ќе го поддржи и БЕСА, додава тој.

„Беше и иницијативата за национално помирување. Ние сакаме да придонесме кон тоа. Но, прво сакаме да видиме во каква насока и какви елементи има тоа национално помирување. Ние би придонеле кон ова“, додава тој.

Треба да знаете
Последни објави