Skip to main content
Македонија

БГНЕС: Советник на Давкова 20 години има бугарски пасош

22/10/2024  16:09

Бугарската агенција БГНЕС, која објавува информации за тоа кој од македонските јавни личности има бугарски пасош, денеска соопшти дека советникот за надворешна политика на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Жидас Даскаловски, добил бугарски пасош уште во 2003 година декларирајќи се дека има бугарска самосвест и бугарски корени.

Даскаловски не работи официјално во кабинетот на Сиљановска, но е нејзин советник за надворешна политика и ја придружуваше за време на меѓународните средби на почетокот од мандатот поврзани со Украина.

Даскаловски е редовен професор на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ и предава геополитика и современи политички системи.

Тој е познат активист од невладиниот сектор. Основач е на Центарот за истражување и креирање политики.

БГНЕС тврди дека Даскаловски добил бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло во 2003 година, а го обновил пасошот во 2022 година.

Даскаловски јавно е еден од поддржувачите на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, особено околу одредбата во преговарачката рамка во Уставот да се внесат Бугарите за да може да продолжат преговорите по поглавја.

Претходно беше откриено дека и министерката за енергетика Сања Божиновска имала бугарски пасош, но лани побарала да биде исклучена од бугарското државјанство, но Софија тоа досега не го направи. Освен неа, бугарски пасош имало целото нејзино семејство.