Search

Арсовска: Промена е голем збор, тоа значи остварување на големи ветувања, значи се бориме за нови подобри решенија

Интегрлен текст од обраќањето на кандидатката за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска што го имаше до жителите на Скопје, на вчерашниот митинг пред Филхармонија.

„Промена е голем збор, тоа значи остварување на големи ветувања. Промена значи се бориме за нови подобри решенија. Промена значи потреба од менување на сегашната очајна и лоша слика во којашто се наоѓа Скопје.

Би сакала вечерва да ги поздравам претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, госпдинот Христијан Мицкоски, кандидатите за градоначалници и носителите на листи за советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија, како и оние на коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Ви благодарам на сите што несебично ме поддржавте во мојата борба за модерно Скопје.

По стотици  разговори што ги имав со нашите скопјани, изминативе две недели додека го посетував секое место во градот, и мојот заклучок е дека:  Промена е тоа што навистина му е треба на Скопје.

Кога граѓаните ми кажуваат што се не е направено во нивното соседство, да им се помогне, дека секојдневно се соочуваат со неасфалтирани улици, со поплавени улици по секој дожд , дека немаат вода за пиење, или се соочени со прекин за водоснабдување секој ден во некој дел од градот, нема фекална канализација во голем дел населени места, особено во периферијата на градот. Затоа знаеме дека е време за промени.

Кога зборувам со младите луѓе  кои раскажуваат дека губат надеж и дека сакаат да си одат од државата, тогаш знаеме дека е време за промени. Кога на состанок со домашни странски инвеститори ќе слушнете дека не сакаат да инвестираат во градот затоа што корупцијата која нотирана во сите извештаи од релевантните институции, тогаш повторно знаеме дека е време за промени. Кога гледате низ Скопје дека има диви депонии во секое населено место, кога улиците се полни со отпад,  кога гледате дека градот е нечист, тогаш знаеме дека време е за промени. Кога зеленилото во нашето соседство е заменето со бетонски зданија, знаеме дека е време за промени.

Кога сте заглавени во сообраќаен метеж речиси секој ден со часови се седи во автомобилите и притоа се загадува воздухот во градот знаеме дека е време за промени. Кога гледате и читате вести дека  Скопје е меѓу најзагадените градови во Европа и светот, кога знаете дека живеете во загаден град и состојбата не се менува, на подобро, тогаш знаете дека е време за промени. ДА, драги мои скопјани, ВРЕМЕ Е ЗА ПРОМЕНИ за Скопје и за Македонија.  Време е да станеме и да го одбраниме нашето Скопје.

Не смее овој град уште 4 години да остане во рацете на политичар кој не покажува никаква одговорност кој не покажува грижа за нашите проблеми и за нашиот живот во овој град. Не покажува грижа дека градот е нечист, дека градот стагнира. Нема реализирано голем дел од проектите кои ги ветил во својата програма од 2017 година.

Ние, граѓаните на Скопје,  заслужуваме модерен, уреден, функционален, европски град со чист воздух и здрава животна средина.  Заслужуваме метропола што ќе пулсира со живот,  со вистински културен живот и квалитет на живот како во развиените европски метрополи.

Овие избори не се за политика.  Овие избори се за нашето Скопје, за нашиот живот.  Овие избори се за решавање на проблемите на нашето секојдневие, и пред се да добиеме брзи, квалитетни и сигурни решенија за тие проблеми. Сите знаеме дека на Скопје повеќе не му политичар кој со себе носи  празни ветувања.  На Скопје му треба менаџер кој ќе донесе решенија потребни за нашиот град да биде поубаво место за живот.

Слушам се занимаваат во изминативе денови дека брзи решенија не значеле квалитет.  Многу очајно објаснување на оние кои  четири години не мрднаа да реализираат ни она што го ветија во својата сопствена програма.  Замислете требало дури четири години  да прават студии.  По таа логика досега ниту еден градоначалник немаше да имаше реализирано ниту проект за Скопје ако 4 години му требаа за студии, а уште 4 години да почнеле да реализираат тоа што имало во тие студии.

Креираат црна кампања мислејќи дека така ќе скријат што не го реализираа. Драги наши нема да ви помине ниту една црна кампања, си заминувате во историјата.

За жал нема да ви помине ниту едно видео за да ја скриете вашата неспособност. Затоа што овој народ тука  уморен од лаги, у морен е од празни ветувања,  а такви последниве 4 години имаше многу, само ветувања и ништо од резултати.На овие избори се натпреварувам како независен кандидат и надпартиски кандидат и сум дел од вас, од сите скопјани во борбата за поубаво Скопје.

Јас сум кандидат на граѓаните и од вас ја барам вашата поддршка, со овој ваш глас да пристигнат позитивните промени во Скопје.

Морам да ви кажам дека она што го слушам од секојдневната комуникација со вас дека немаме време за чекање, време е да покажеме и докажеме што е она кое можеме да го направиме за Скопје.

Јас го презентирав својот план и својата визија за градот. Не сум политичар што има 100 ветувања и секако не  сум политичар како овие што заминуваат и кој нема да ги исполни своите ветувања.  Јас сум менаџер и имам програми и проекти кои што се изводливи кои се реални и кои ќе се реализираат брзо, квалитетно и сигурно. Овие проекти ќе го направат Скопје модерен европски град. Ќе изградиме 5 мега паркови и ќе го направиме Скопје повторно зелен град.  Ќе изградиме кружен тек кај Мавровка и ќе го направиме сообраќајот пофункционален на сите проблематични точки во градот. Во градот нема да има веќе заборавени места, нема да има заборавени населби и таму ќе се инвестира во комплетна инфраструктура. Ќе иницираме и заштита на Водно со Закон, водно слободно од автомобили.

Сите ние сакаме да имаме пристоен живот во Скопје. Сите ние сакаме да имаме град без проблеми. Град без проблеми со водата за пиење во дел од населените места, град каде нема да има диви депонии, сакаме град каде образованието на нашите деца ќе се одвива во модерни и современи училишта.  Сакаме град каде пензионерите кои имаат потешкотии во движење  и лицата со попреченост  нема да бидат оставени сами на себе,  туку ќе имаат помош со достава на основните производи  и лекарства.  Ќе ја покаже оваа грижа за скопјани, Скопје конечно треба да се грижи за сите свои граѓани.

Со бесплатниот транспорт и набавката на 250 еко автобуси скопјани ќе добијат еколошко ново и убаво решение, наместо утопија. Ете тоа е мојата понуда за вас скопјани, верувам дека ќе имаме поубав град. И кога мојот противник ќе каже дека ова не било остварливо,  сакам да прашам зошто истото го нудеше неколку дена по мене и срамно ме копираше?  Ако не е реален овој проект зошто го нуди истото и го копира?   Затоа што знае дека е реалност. Знае дека тој е главниот виновник за лошото менаџирање на ЈСП и сега се обидува да си го покрие сопствениот срам.

Кога мојот противник вели дека имам исти проекти како неговите, сакам да го прашам: Што правеше ти четири години? Кој проект е лично твој?

Каде е тунелот под Калето?

Каде се булеварите што по вторпат сега ги ветуваш?

Каде е зип линијата?

Каде е реновираното езеро Треска да се врати кај граѓаните?

Каде е новата универзална сала што ја ветуваше?

Каде е кружниот тек на влезот во Скопје кај Сарај?

Каде ти е новата раскрсница кај Мавровка?

Каде е новиот дом за култура во Шуто Оризари?

Многу прашања, молк, нема одговори. Ништо нема направено!

Градоначалникот во заминување имаше шанса да го води градот, но ги разочара скопјани. 4 години изгубени за Скопје и скопјани. Доста беше! Доста ни беше скопјани од овие неработници!

Многумина  од вас прашуваат зошто  не напаѓам и јас кога овој градоначалникот во заминување ме напаѓа со неговата црна кампања. Одговорот е дека градоначалникот во заминување е толку нервозен и дека му е загрозена политичката кариера. Очигледно единственото решение му е да напаѓа жена со видеа извадени од контекст. И на тоа му се сведоа овие 4 години. На снимање на видеа за проекти кои ги планираше, но не ги реализираше. Доста ни е од визии и ТВ кампањи, требаше да бидеш меѓу граѓаните и да го реализираш она што го вети. Затоа сега твоето време заврши.

Јас се впуштив во оваа трка за градоначалник затоа што Скопје стагнира. Уморни сме од чекање.  Родена во овој град, ова е мојот град и знам дека го имам знаењето и искуството да бидам градоначалник кој ќе донесе брзи, квалитетни и сигурни решенија за скопјани.

Ќе ви дадам само еден пример зошто сум јас вистинскиот избор за Скопје.

Градоначалникот во заминување ја продаде изградената градска куќа и сега сака да купи нова градска куќа, дури и противзаконски објави оглас сред избори за таа цел. Оваа цел планира да ја реализира со трошење на 11 милиони евра од парите на скопјани.

Наместо да потрошиме 11 милиони евра за нови луксузни канцеларии за градоначалникот во заминување, овие 11 милиони евра ќе ги вложиме во иднина младите.  Дел од тие средства ќе ги намениме за реновирање на дел од старата касарна во Аеродром и во соработка со општина Аеродром ќе ја направиме центар за софтверски инженеринг и хаб за иновативни ИТ компании.  Ќе финансираме реновирање на овој центар  каде младите ќе имаат можност да ги надградат своите вештини и да градат кариера во најбрзо растечкиот сектор во земјава.  На овој начин ИТ старт апите ќе имаат свои канцеларии,  а младите ќе имаат нови можности за развој.

Лицата кои имаат желба да се едуцираат во областа на софтвер и програмирање, во ИКТ индустријата како најбрзо растечка и најдобро платена индустрија, ќе имаат поддршка од градот Скопје. Е ова е разликата драги мои помеѓу  менаџер и политичар.  Политичарот инвестира во канцеларии и во својата фотелја, а  менаџерот инвестира во нашата иднина.

Скопје и скопјани заслужуваат повеќе.  Ние сите заслужуваме град каде ќе има функционална инфраструктура,  каде ќе има чист воздух, каде младите ќе имаат можности, ќе имаат успешни кариери, меѓутоа и каде градоначалникот им служи на граѓаните, а не обратно.

Администрацијата нема да биде симбол за корупција и непотизам. Секој директор, секој раководител ќе помине низ ветинг процес. Ќе имаме силно мотивирана и ефикасна градска администрација која ќе работи во интерес на граѓаните во градот Скопје.

Нашето Скопје заслужува да биде модерна европска метропола која ќе има културни случувања и како град на настани ќе има  по еден голем фестивал за секој месец во годината. На Скопје му е потребна визија, и заслужува градоначалник што е целосно посветен на својата работа.  Скопје заслужува градоначалник што ќе го направи животот полесен и подобар на сите граѓани. Нашето Скопје заслужува да биде  убав и модерен град.  Затоа ја барам вашата поддршка на 17 октомври.

Оваа недела, ние скопјани ќе донесеме една важна одлука. Дали ќе продолжиме да гледаме како градот пропаѓа или ќе одиме напред, дали ќе продолжиме по патот кој што го одбрале оние кои го урнисуваат градот, или ќе избереме промени. Промени со кои ќе го направиме Скопје модерен град.

Затоа велам дека времето на промени е сега! Сега е време на скопјани и Скопје да им се овозможи подобра иднина. Заедно сите кои сакаме да живееме во овој град, заедно сите кои го сакаме овој град. Ќе го вратиме духот на Скопје.  Затоа ја барам од вас поддршката.

За пет дена ве повикувам да ја донесеме оваа промена.

Запомнете го бројот 82.

Кажете го на своите пријатели, на сите оние кои сакаат позитивни  промени да гласаат за мене затоа што јас ќе бидам вашиот човек кој ќе ви помогне Скопје да биде убаво место за живот, Убаво место за сите скопјани. Бројот 82 е таа што ќе донесе промени за Скопје и заедно ќе победиме! Ова е победа за сите скопјани.

Треба да знаете
Последни објави