Search

Амбасадата на ЕУ во Израел жртвата на вандализам од екстремната десница

Европската Унија најстрого го осуди чинот на испишување навредливи пораки врз ѕидовите од нејзината амбасада во Тел Авив и побара брза истрага од страна на израелските власти.

Во текот на вчерашниот ден, активисти од екстремната десница во Израел испишаа навредувачки и заканувачки пораки по ѕидовите на амбасадата на ЕУ во Тел Авив, како “германските пари убиваат Евреи”, “ЕУ оди си”, “Доста ги плаќате убијците на нашите деца”.

Европската амбасадорка во Израел, Емануел Жофре, на Твитер го квалификуваше нападот како “заканувачки” и “очајнички”.

Израелските медиуми објавија видео снимки во кои една од напаѓачите, Шефи Паз, и се обраќа на ЕУ порачувајќи да “престане да субвенционира терористи и да финансира илегална имиграција, во спротивно заминете си од Израел”.

Израелските власти најавија дека полицијата го истражува случајот како вандализам.

Поддршка за ЕУ дојде и од Обединетите Нации, чиј претставник за Блискиот Исток, Николај Младенов, на Твитер порача дека поттикнувањето насилство не смее да се дозволи и мора да биде осудено.

Во вторник во Израел ќе се одржат клучни парламентарни избори, на кои екстремната десница очекува да постигне убедливи резултати.

Треба да знаете
Последни објави