Најголемата македонска фармацевтска компанија, „Алкалоид“, денеска преку информација доставена до берзата информира дека регистрираше ново друштво „Алкалоид енергетика“ и дека ќе гради фотоволтаична централа
„Алкалоид“ АД Скопје регистрираше ново капитално поврзано друштво со назив „Алкалоид енергетика“ ДООЕЛ Скопје, со цел производство на електрична енергија.
Друштвото е во 100 отсто сопственост на „Алкалоид“ АД Скопје, се вели во информацијата.
„Имајќи ги предвид заложбите на ‘Алкалоид’ АД Скопје за намалување на јаглеродниот отпечаток во рамките на својата ESG-стратегија и напорите за одржлив развој, овој потег е од исклучителна важност во нивното остварување. Проектот предвидува изградба на фотоволтаична централа лоцирана во Гевгелија, со капацитет за производство на електрична
енергија од околу 11 илјади мегават-часови на годишно ниво. Со овие капацитети ќе се овозможи од 75 до 85 % од електричната енергија која се користи за производствените капацитети на ‘Алкалоид’ АД Скопје да биде од сопствени обновливи извори“, посочуваат од компанијата.
Во информацијата се додава дека како општествено одговорна компанија која се грижи за животната средина и за здравјето на граѓаните, „Алкалоид“ АД Скопје придонесува за намалување на загадувањето и за исполнување на строгите еколошки стандарди во целост.
„Инвестирањето во нови производствени капацитети, современа опрема, во изработка на квалитетни проекти, грижа за животната средина и во енергетска ефикасност останува примарна стратешка определба на ‘Алкалоид’ АД Скопје и во периодот што следува“, се вели во информацијата.