September 24, 2019 00:50
Македонија

Т’га за југ – вино со автентична приказна

Повеќе од 45 години виното „Т’га за југ“ со својот автентичен вкус и имиџ ги освојува срцата на љубителите на вино и низ годините прерасна во синоним за традиционално македонско вино„Т’га за југ“ е еден од најпознатите македонски вински брендови кој опстојува во континуитет на македонскиот пазар, но и на пазарите во регионот. „Т’га за југ“ е вино со автентична приказна, бидејќи во неговото создавање во голема мерка е втемелен македонскиот дух и емоција. Создавањето на виното кореспондира со почетоците на Струшките вечери на поезијата (СВП). Имено, виното настанало во далечната 1973 година, кога за потребите на интернационалниот фестивал на поезијата во Струга, тогашните енолози на „Тиквеш“ биле повикани да создадат уникатно вино во чест на фестивалот и на браќата Миладиновци. Тие предложиле виното да се вика „Т’га за југ“, исто како што е насловена и елегиската поема на Константин Миладинов, во чија чест се одржуваат Струшките вечери на поезијата.

Организаторите на фестивалот имале идеја за потребите на пикникот што традиционално се одржувал еден ден пред завршните свечености, на Св. Наум, да се обезбеди вино кое ќе биде питко и богато, но задолжително рујно. Оваа идеја била претставена пред тогашното раководство на винарската визба „Тиквеш“, кое со задоволство ја прифатило задачата. Притоа, одлуката за името на виното не била донесена веднаш и постојат различни приказни за тоа кој го предложил токму името на поемата од Константин Миладинов со која секоја година се отвора и затвора фестивалот. Според една од тие приказни, поетот Гане Тодоровски е тој што го предложил ова име. Притоа, првите неколку години,  виното не се пакувало во шишиња, туку за потребите на пикникот во рамки на овој поетски фестивал, било носено во мали буриња. Наредните години, секој учесник, покрај книги и публикации  од СВП, во специјално изработена торба со фолклорни шари, добивал и вино „Т’га за југ“, но во  керамички бардак од пофина керамика (лакирана) со втиснато име на виното. Но, тоа се случувало една или две манифестации по ред, затоа што постепено била дизајнирана етикета и виното почнало да се пакува во шишиња. Започнала и продажба во продавници, но количините биле мошне ограничени и виното „Т’га за југ“ не можело да се најде постојано во продажба.

Според кажувањата и впечатоците на оние кои ги паметат овие настани, виното се менувало низ годините. Се чини дека не било секогаш од сортата вранец. Можеби се користела кратошија, која во тоа време била најпопуларна и најраспространета сорта, а во почетокот сигурно не било полусуво, туку суво вино. Во тек на годините многумина од учесниците на Струшките вечери на поезијата, инспирирани од „Т’га за југ“ почнале да пишуваат и песни посветени на виното кои во една пригода се издадени и како посебна збирка, издание на СВП.

Едно е сигурно – виното „Т`га за југ“ преку истоимената поема на Миладинов е нераскинливо поврзано со поезијата, но и со традицијата и трајните вредности на македонскиот народ што му додава уште еден автентичен белег. Неговата впечатлива црвена боја и интензивна ароматика и вкус, претставувала инспирација за многу поети и уметници од целиот свет, асоцирајќи ги на топлината на земјата, на нејзината природа, сонце и поднебје, како и на луѓето кои живеат овде и нивниот ведар, срдечен дух.

Дека македонски вина, меѓу кои е и виното „Т’га за југ“,  претставуваат совршена инспирација за најпознатите светски поети, покажува и специјалниот настан што го органираа „Тиквеш“ и Струшките вечери на поезијата, а на кој учествуваа стотина поети од целиот свет. Тие своите поетски импресии ги овековечија, запишувајќи дел од песните на етикетите од вината на „Тиквеш“, кои ќе останат како потсетник и сведоштво за уникатниот спој на литературната уметност и виното.

Исто така, од денешна перспектива, на сите ни е јасно дека ниту еден бренд, а особено ваков како „Т`га за југ“, не можел да опстои толку долго ако во него не се вткаени знаењето и умешноста на десетици, стотици луѓе што работеле на него низ сиве овие години. Затоа, за „Т`га за југ“ може да се каже дека преку „Тиквеш“ стана идентификација, симбол за македонското вино воопшто.

Она што ја прави популарната „Т’га“ вистински бренд е фактот што покрај промените во визуелниот идентитет и пакувањето кои низ годините се прилагодувале на очекувањата на потрошувачите и на светските трендови во винската индустрија, сепак она што останало константно е добро познатиот вкус и висок квалитет. Дополнително, ова вино е ценето и поради беспрекорниот однос помеѓу цената и квалитетот и е чест, па и редовен избор на многу консументи.

Овој бренд има исклучително висока препознатливот на пазарите во регионот. Во Србија свесноста за брендот изнесува 55%. Потрошувачите го перципираат како квалитетно вино и исклучително лојалните потрошувачи веруваат дека станува збор за вино со одличен квлитет и широко прифатлив вкус. Во Хрватска е еден од најпознатите вински брендови и синоним за квалитетно црвено вино.

Инаку, „Т‘га за југ“ е квалитетно полусуво црвено вино од сортата на грозје вранец. Се одликува со интензивно црвена боја и карактеристична арома на суво грозје и малина, зрели танини и сладникав вкус. Одлично се впарува со различни традиционални македонски јадења, а особено со скара и полномасно сирење.

За неговата голема популарност сведочат и бројките. Со над 1,5 милиони литри годишно, „Т’га за југ“ е најпродавано македонско вино, како во земјава, така и во регионот. Особено е популарно во Хрватска, каде со децении е најпродавано увозно вино, како и во Србија и останатите земји од регионот каде годишно се пласираат над 1 милион шишиња. „Т’га за југ“ е воедно и едно од најпродаваните вина на домашниот пазар. Годишната продажба на македонскиот пазар изнесува над 400.000 шишиња од 0,75л и над 600.000 шишиња од 0,2л.

Анегдота поврзана со виното „Т’га за југ“

„Т’га за југ“ била причина за сериозен дипломатски граничен инцидент предизвикан од белгиски поет, учесник на Струшките вечери на поезијата. По долгата ноќ помината во друштво со „Т’га за југ“, тој се качил на велосипед и тргнал накај Албанија. Во тоа време Албанија била целосно затворена, под жестокиот режим на Енвер Хоџа. На граничарите им изгледал како сомнителен странец кој сака да се инфилтрира во земјата. Освен тоа, Белгиецот говорел за права, за слобода. Настанал проблем и тие го притвориле.

Во Струга, кога виделе дека го нема гостинот од Белгија, почнале потрага. Биле ангажирани југословенските служби за внатрешни и надворешни работи, се вклучиле и дипломати од Белгија, се разменувале телеграми, телефонски повици, дипломатски ноти и депеши. Откако еден ден поминал во притвор и имал можност да се отрезни, Белгиецот бил пуштен да се врати во Струга. На домаќините им олеснило што нивниот гостин се вратил, а среќниот крај бил прославен со „Т’га за југ“. Името на белгискиот поет не се споменува, но приказната е автентична.

Валентина Ангеловска

Нови вести

Платите да не се покачуваат, парите да не се враќаат!

Igor

Усеини повикува на протест поради рушење на дивоградбите во Охрид

Igor

Манчевски: Отворени се 50 илјади работни места, платите растат

Igor