Skip to main content
Македонија

Преку проект ќе се утврдуваат причините зошто жените над 50 години не можат да најдат работа

25/10/2024  10:28

На 29 октомври, со почеток во 10 часот, во просториите на Економски институт-Скопје, ќе биде означен почетокот на проектот: „Идентификување на причините за долгорочната невработеност на постарите жени во Северна Македонија и Србија“, кој се реализира во рамки на програмата Visegrad+ Grants, (2xV4 + 2xWB6/EaP), како дел од повикот за акциски грантови за 2024 година, во областа на Јавна политика и институционални партнерства.

Проектот започна со реализација на 01.10.2024 година и ќе трае до 31.03.2026 година. Во реализација на овој проект се вклучени четири високообразовни и научни институции, од четири европски држави:

– Економски институт-Скопје, единица на УКИМ, Република Северна Македонија

– Институт за економски науки од Белград, Република Србија

– Институт за економски истражувања на Академијата на науки од Словачка

– Универзитет за информациски технологии и менаџмент од Рзесов, Полска

Целта на проектот е да се идентификуваат причините кои ги спречуваат жените на возраст од 50 и повеќе години да најдат работа. Вакво истражување ќе биде спроведено и во Србија, додека искуствата на Словачка и Полска ќе бидат искористени да се предложат решенија, мерки и политики со кои би се зголемила вработливоста на оваа категорија на жени. Истражувањето во проектот ќе биде насочено кон проблемите на долгорочно невработените жени стари 50 и повеќе години во Скопскиот и Белградскиот регион.

Проектот „Идентификување на причините за долгорочната невработеност на постарите жени во Северна Македонија и Србија“ нуди уникатна можност преку анкетен прашалник и фокус групи со дел од овие жени, пореално да се утврдат проблемите со кои се соочуваат невработените жени на возраст од 50 и повеќе години, причините за нивната долгорочна невработеност, идентификување на недостатокот на вештини, како и други релевантни аспекти кои би биле значајни за развој на соодветни стратегии, програми и мерки со кои би се овозможило ублажување на неповолната ситуација на овие жени. Тоа би го постигнале првенствено со нивно учество како корисници на овој проект, а потоа и преку зголемување на свесноста за проблемите и потребите на овие жени меѓу релевантните стеикхолдери.

Целни групи во проектот се:

– Долгорочно невработените жени на возраст од 50 и повеќе години на локалните пазари на работна сила во Скопскиот и Белградскиот регион.

– Релевантни стеикхолдери како што се: Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на РСМ, Организацијата на работодавачи, локалните стопански комори, невладините организации кои се занимаваат со проблемот на невработеност на ранливите групи и други.

Планирани активности и очекувани резултати од проектот:

– Анкетно истражување на примерок од околу 150 невработени жени на возраст од 50 и повеќе години;

– Фокус група со невработени жени постари од 50 години за дополнително да се идентификуваат проблемите со кои се соочуваат жените во процесот на барање на работа, причините за недоволната мотивираност да бараат работа, како и за недостатокот на соодветни вештини;

– Фокус група со релевантните стеикхолдери за подобро да се разбере каде е најголема неусогласеноста во вештините што ги поседуваат овие жени и вештините кои ги бараат работодавачите, како и да се утврдат другите бариери кои постарите жени треба да ги надминат за да најдат и да задржат вработување;

– Тркалезна маса на која ќе бидат претставени резултатите и сознанијата од анализата на квантитативните и квалитативните податоци добиени од спроведената анкета и организираните фокус групи;

– Работилница на која ќе бидат презентирани примери на добра пракса и знаење во однос на политиките и мерките во Словачка и Полска за подобрување на перспективите за вработување на ранливите групи, со посебен акцент на оние кои се однесуваат на невработените жени постари од 50 години;

– Сублимиран извештај врз основа на добиените сознанија од сите активности кои се предвидени во текот на проектот. Во него, освен добиените резултати од реализација на целокупниот проект, ќе бидат сумирани и соодветни предлози, мерки и препораки во однос на активните политики и мерки на пазарот на работна сила, кои Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија би можеле да ги искористат при креирање на идните политики и активности во овој домен.