Паднаа потписи помеѓу министерствата и општините за финансирање на проекти на локалните самоуправи. На првиот повик распишан од Министерството за локална самоуправа потпишани се договори за 274 проекти во изност од 4,1 милијарди денари.
Има 6 клучни ресори каде што овие пари ќе бидат инвестирани во изградба на проекти.
Па така за реконструкции, изградби и модернизирање на училишта и спортски сали на општините ќе се префрлат близу 133 милиони денари. Со оваа одлука се опфатени Гази Баба, Битола, Липково, Боговиње, Кичево.
Близу 2 милијарди и 800 милиони денари преку транспорт ќе се инвестира во локална патна мрежа, коловози, патеки, пристапни улици.
Со 59 милиони денари ќе се градат градинки во Гази Баба и Петровец, преку договор склучен со Министерството за социјална политика, демографија и млади.
– „Од областа на спортот за што се потпишуваат договори во висина од 220 милиони денари (220.064.186 денари) и тоа за изградба на центри за спорт, рекреативни паркови, и спортски сали во општини како Вевчани, Демир Хисар, Центар, Битола, Кавадарци, Чашка и други“.
Потписи ставија и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, како и министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. За реставрација на културни знаменитости, туристички атракции, музеи, домови на култура во општините Гевгелија, Пехчево, Радовиш, Гази Баба се одобрени скоро 200 милиони денари.
А близу 630 милиони денари ќе се слеат во локалните буџети за атмосферски и фекални канализации, колектори, нови водоводи, регулации на реки.
Со продолжување на рокот на општините за аплицирање на овие проекти до 15 следниот месец, се очекува бројот да се зголеми на вкупно 350, а со тоа и да се реализира најавата дека 6 милијарди денари ќе завршат во буџетите на општините за реализација на капитални проекти.