Skip to main content
Свет

Отповиканиот јужнокорески претседател нема намера да се повлече од функцијата

14/12/2024  16:01

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Jеол соопшти дека нема да се повлече од функцијата, иако парламентот денеска гласаше за негово отповикување поради обидот за воведување воена состојба на 3 декември, што предизвика политичка криза во земјата.

Јун Сук-Jеол изјави дека ќе се бори до последен момент за задржување на претседателската функција, јави Јонхап.

Парламентот на Јужна Кореја денеска во вториот обид му изгала импичмент на претседателот Јун Сук-Јеол. Предлогот за негово отповикување беше поддржан со тајно гласање од 204 пратеници во 300 члениот јужнокорески парламент.

Тоа значи дека  Јун Сук-Јеол веднаш е суспендиран од функцијата, а премиерот Хан Дук Со станува вршител на должноста.

Седумдесет и петгодишниот Хан Дук Со има повеќе од три децении искуство на различни клучни позиции, вклучително и амбасадор во САД, министер за финансии, министер за трговија и премиер, а бил и шеф на повеќе организации.

Тој е доктор по економски науки на Универзитетот Харвард, а како што пишуваат јужнокореските медиуми, познат по „рационалноста, умереноста и стручноста“.

Хан Дук Со е премиер на Јужна Кореја од 2022 година, кога повторно беше именуван на оваа функција. Ова е негов втор мандат, откако беше премиер во времето на поранешниот претседател Ро Мо-Хјун.

Тој може да биде на чело на државата со месеци – додека Уставниот суд не донесе одлука за трајна смена или враќање на Јун Сук-Jеол на претседателската функција.