Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) утврдила нов случај на вирусот Х5Н1 (птичји грип) кај пцовисана дива птица – гуска, во резиденцијалниот комплекс „Свети Јован“ во скопско Злокуќани. По лабораториско тестирање на две живи птици, лебеди, резултатите биле негативни на вирусот. Сепак, АХВ презема мерки за заловување на останатите птици во комплексот, за кои ќе се спроведат дополнителни тестирања.
Според соопштението од АХВ, донесени се мерки за прогласување на болеста и спроведување на заштитни и контролни мерки со цел спречување на ширење на зоонозата. Овие мерки вклучуваат убивање и нештетно отстранување на затекнатите диви птици, освен птиците што се чуваат во затворен простор и од кои се земаат мостри за лабораториско тестирање. Дезинфекција на одгледувалиштата е задолжителна, а забрането е движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето без одобрение од официјален ветеринар.
Покрај тоа, АХВ забранила одржување на саеми, изложби, пазари и други собири на живина или птици од епизотиолошкото подрачје. Овие мерки се дополнение на претходно воведените мерки во врска со болеста син јазик, откако во две одгледувалишта во Демир Капија беше потврдено присуство на оваа болест.
АХВ ги повикува граѓаните на внимателност и следење на упатствата за спречување на ширење на вирусот, со оглед на зголемените случаи на птичји грип во земјата. Претходно, пред две недели, АХВ донесе одлука за затворање на Зоолошката градина по утврдувањето на присуство на вирусот, а со цел да се спречат дополнителни случаи, спроведени се хумани методи за убивање и отстранување на птиците во одгледувалиштето.