Имам едно возило интересно, да го проверите, им рекол на полицајците таткото на Вања кој го предочил возилото на Панче, сведочеше началник во СВР Скопје
Двете истраги одеа паралелно. Цело време од Александар бевме брифирани, види ова, она. На 1 декември дури ми се јави, ми вика „имам едно возило интересно, да го проверите“. Тоа беа слики од камери кои ние веќе ги имавме, но го посочи како сомнително. Колегите го проверија, немаше ништо посебно, но се јавија во „Сејф сити“ и излезе дека е запалениот „цитроен“. И тогаш се јавив кај колегите што го водеа тој случај, изјави началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје, кој сведочеше на денешното рочиште за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, во Основниот кривичен суд Скопје.
Сведокот Дејан Димовски, кој во тоа време работел како началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје, за настанот бил известен на 27 ноември 2023 година, што како што вели било невообичаено, иако надлежноста за постапување по исчезнатото девојче било под ПС Центар.
Во однос на запаленото возило на 27 ноември во село Бразда, сведокот рече дека тогаш работеле други колеги, бидејќи немало никакви индиции за поврзаност.
Она што беше интересно, посочи сведокот, дека тоа што Александар во разговор посочил дека може девојчето е во странство, Охрид, Велес… што, како што рече, било нагласено, а тие веќе лоцирале дека запаленото возило е од Велес. Така било најдено и пик-ап возилото, кое било лоцирано паркирано пред Политичка партија „Десна“, на Љупчо Палевски.
– Баравме налог за претрес, но бидејќи се работи за политичка партија, доста доцна влеговме. Внатре беа тројца, меѓу кои Кешишов, кој кога прашавме каде е претседателот на партијата ни рече дека е во Турција поради проблеми со кичмата. Тука беше и адвокатот Васко, кој рече дека тој го возел до Белград, изјави сведокот. Во тој момент, нагласи сведокот уште немавме никаква поврзаност и мислеле дека се на трага за запаленото возило.
За денешното рочиште се повикани уште четворица сведоци, предложени од Обвинителството.
Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски на првото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие се сомничат дека испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. На 22 ноември минатата година, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.