Skip to main content
Свет

Зиновјев: Соработката меѓу Русија и Северна Кореја е во согласност со меѓународното право и не е насочена против Сеул

21/10/2024  12:32

Соработката меѓу Русија и Северна Кореја е во согласност со меѓународното право и не е насочена против безбедносните интереси на Јужна Кореја, изјави денеска рускиот амбасадор во Сеул Георги Зиновјев.

Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја претходно го повика рускиот амбасадор за да го изрази својот протест поради наводното испраќање севернокорејски трупи кои треба да бидат распоредени во Украина како дел од руските сили, јави Јонхап.

На средбата со првиот заменик-министер за надворешни работи на Јужна Кореја, Ким Хонг-кјун, Зиновјев рече дека Москва и Сеул имаат спротивставени ставови за причините за тензиите на Корејскиот полуостров.

Јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС) минатата недела ја обвини севернокорејската армија дека веќе испратила околу 1,500 војници за поддршка на руската инвазија на Украина.

НИС соопшти дека војниците биле транспортирани со руски бродови во Владивосток каде наводно се подготвуваат за распоредување во војната.

Агенцијата соопшти дека Северна Кореја одлучила да испрати вкупно околу 12,000 војници за да обезбеди поддршка, вклучително и специјални единици.

НИС, исто така, тврдеше дека војниците треба да добијат руски униформи и лажни идентитети за да го прикријат нивното вистинско потекло.

Разузнавачката служба ги базирала своите информации на сателитски снимки и софтвер за препознавање лица кои биле користени во соработка со украинското разузнавање.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол ја опиша соработката на Северна Кореја со Русија како сериозна безбедносна закана не само за неговата земја туку и за меѓународната заедница.