Православната црква и нејзините верници денеска ја слават Света Харитина, маченичка и светица од 3 век.
Нејзината судбина била ужасна, а традицијата на нејзината животна приказна е една од најтрогателните во христијанството.
Харитина беше скромна, послушна и тивка девојка. На рана возраст решила да стане Христова невеста, а тоа е време кога царот Диоклецијан наредил големо прогонство на христијаните.
Во тој прогон Харитина била фатена и изведена на суд. Бидејќи таа одбила да се поклонува на паганските божества, тие ја подложиле на страшни маки, ја потстрижувале косата до главата и ѝ ја посипувале главата со жар, а потоа ја врзале за тркало што го вртеле џелатите.
И покрај таквото страшно мачење, Харитина останала жива, но судијата наредил да ја фрлат во морето. На зачуденост на насобраниот народ, Харитина излегла неповредена од водата, но злобниот судија сакајќи да ја понижи до крај, испратил кај неа млади луѓе да ја обесчестат.
Во детството како сираче беше посвоена од еден угледен христијанин Клаудиј, којшто ја воспита како своја родена ќерка. Дење и ноќе се учеше на Божјиот закон и се заветува да го проживее векот во девственост, како вистинска Христова невеста. Но, бидејќи Харитина и другите ги обраќаше во девственост, за неа чу намесникот на царот Диоклецијан, некој Дометијан. Тој испрати војници и ја зедоа од нејзиниот очув, та ја изведоа пред суд. Ја запраша судијата: „Вистина ли е, девојко, дека си христијанка и дека другите ги мамиш приведувајќи ги кон таа нечестива вера?“ Харитина му одговори храбро: „Вистина е дека сум христијанка, но лага е дека другите ги мамам, туку заблудените ги изведувам на патот на вистината приведувајќи ги кон мојот Христос.“ Злобниот судија нареди и косата ѝ ја истрижаа, а главата ѝ ја посипаа со жар. Но, Божјата сила ја зачува девицата. Ја фрлија во море, но Бог ја избави и од морето. Ја врзаа за тркало и почнаа да го вртат, но ангел Божји го запре тркалото и Харитина остана неповредена. Тогаш пакосниот судија испрати некои развратни момчиња за да ја осквернат. Стравувајќи од бесчестење светата Харитина Му се помоли на Бога да ја прими нејзината душа пред да дојдат развратниците да ѝ го осквернат телото. И додека на колена Го молеше Бога, нејзината душа излезе и се пресели во бесмртното Царство Христово.