Search

Комисијата одобри да им се одземе имунитетот на шестмината пратеници

Комисијата за мандатно имунитетни прашања со поединечно гласање за секој од шесте пратеници, со 5 гласа за и 0 против го одобри барањето за притвор.

За Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Жаклина Пешевска, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, судија на претходна постапка побара симнување на нивниот пратенички имунитет заради одредување на мерка притвор како осомничени за време на насилните протести на 27. април.

Претседателот на комисијата, пратеникот Павле Богоевски, ја отвори седницата, а во салата не дојдоа пратениците членови од ВМРО-ДПМНЕ. Богоевски констатираше дека има кворум. Во салата во Собранието не беа ниту пратениците кои се тема на дискусија, односно за кои се одлучуваше дали ќе им биде одземен имунитетот.

На 27 април имаше обид да се загрози животот на пратениците и на уставниот поредок, рече пратеникот на СДСМ, Александар Кирацовски.

-Враќањето на правната држава и правото е императив за кој се боревме и се изборивме. Институциите имаат кредибилитет и одговорност да го расчистат случајот за правдата да излезе на виделина и вакви работи повеќе никогаш да не се повторат, рече тој.

За барањето за одземање на имунитетот гласаа Павле Богоевски претседател, Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири.

Според Деловникот на Собранието, откако ќе заврши комисиската расправа, за конечната одлука ќе одлучува Парламентот на пленарна седница. Собранието треба да се изјасни во рок од три дена по добиеното барање, што значи претседателот на Собранието, Талат Џафери треба да свика седница, и Парламентот да ја потврди или отфрли одлуката на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања.

 

Треба да знаете
Последни објави