Skip to main content
Скопје

Четири месеци може да потрае преземањето на изградбата на Универзална сала од Град Скопје вели Љутков

18/10/2024  21:38

Министерот Зоран Љутков очекува дека ќе потраат три-четири месеци процедурите за да може Министерството за култура и туризам законски да го гради објектот на Универзална сала. Како што рече, нивните правници и надворешните консултанти работат на тоа законски да го донесат правото на пренесување на проектот од Град Скопје во  Министерство за култура и туризам.

-Мора да се направи промена на закони, има пет-шест чекори кои треба да се направат. Тоа можеби ќе потрае три-четири месеци… Проектот е во ред, не го оспоруваме, немаме ништо против изведувачот кој досега ги изведувал работите, во првата фаза, рече Љутков во Дневникот на ТВ Сител.

Посочи дека изведувачот можеби нема да биде ист и за втората фаза од проектот, која е стопирана.

– Значи, повторно ќе се распише тендер, бидејќи проектот не е целосно затворен. Во проектот го нема уредувањето на платото и го нема мебелот во Универзална сала. Ќе побараме да се направи и тоа за да имаме проект „клуч на рака“, рече министерот.

Соопшти и дека помеѓу првата и втората фаза се уште немаат извештај за настанатата штета, немаат пресек што е направено и ја немаат проценетата вредност на вкупниот објект.

Одговори потврдно на прашањето дали гарантира дека Скопје ќе има нова Универзална сала до 2028 кога треба да биде  Европска престолнина на културата, со оглед на процедурите што претстојат.

Подобро да оди побавно, рече Љутков, но легално „и така како што треба“.

-Ако продолжиме вака, јас носам кривична одговорност и ќе бидам оспоруван и нема да го имаме проектот ни до 2028 година кога Скопје треба да биде Европска престолнина на културата, додаде министерот.

Соопшти дека за 20-ина дена Министерството за култура треба законски да го преземе секторот туризам кој досега беше дел од Министерството за економија. Потоа ќе почнат да работат на програмата за туризам за 2025, како и на заедничкото работење односно промоција на културниот туризам. Кога ќе го преземат целиот ресор кај нив,  рече Љутков, ќе почнат да работат на стратегија за туризам.