Четири лица се повредени, од кои едно тешко, во нова сообраќајна несреќа која утринава се случила на патот Куманово – Крива Паланка во населбата Карпош.
– На 21.11.2024 околу 05.30 часот во СВР Куманово било пријавено дека на магистрален пат Куманово – Крива Паланка, во местото викано Ливаде, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген поло“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од Ф.Д.(26) од Ранковце и патничко возило „фолксваген туран“ со бугарски национални ознаки, управувано од С.К.(39) од Куманово, информираат од Секторот за внатрешни работи.
Во несреќата, како што додаваат од полиција, со тешки телесни повреди се здобил Ф.Д., додека С.К. и сопатниците Ѓ.К.(57) и Н.Ѓ.(44) од Куманово се здобиле со телесни повреди, констатирани во Општа болница Куманово.
Увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР Куманово.
Ова е уште една во низата сообраќајки на овој магистрален патен правец, а изминатиот месец на истиот пат во две различни сообраќајки загинаа две лица, меѓу кои и еден малолетник.