Skip to main content
Свет

Хирург од Шкотска отстранил голем тумор на мозокот низ веѓите на пациентот

25/10/2024  12:12

Неврохирургот Анастасиос Џамуријадис од Абердин, Шкотска, развил нов метод за отстранување на тумор на мозокот со големина на јаболко преку веѓата на пациентот.

Оваа техника овозможува отстранување на туморот со минимални лузни, а самата процедура трае до три часа, објави Sky News.

Некои пациенти можат да ја напуштат болницата веќе 24 часа подоцна и брзо да се вратат на нивните секојдневни активности.

„Пациентите веднаш се будат и понекогаш си одат дома следниот ден по операцијата, што придонесува за побрзо закрепнување“, вели неврохирургот, пренесува медиумот.

Традиционалното отстранување на тумори во предниот дел на мозокот бараше голем засек во черепот, кој ги изложува здравите делови од мозокот.

Џамуријадис ја адаптирал техниката, овозможувајќи му да добие повеќе простор низ веѓите за да ги отстрани големите тумори.

„Ова е значајна иновација и е многу помалку инвазивна. Претходно пациентите имаа лузни по целото чело, сега го избегнуваме тоа“, додаде тој.

Џамуријадис и неговиот тим досега ја направиле оваа нова процедура на 48 пациенти.