Skip to main content
Македонија

Фон дер Лајен: Работиме да се отворат преговорите на земјата со ЕУ, но треба да се разработат и уставните измени

24/10/2024  14:33

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен денеска во Скопје на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека ги вложуваат сите напори со цел земјава да ги отвори преговорите за првиот кластер „Темели“, но додаде дека потребно е да се разработат и уставните измени.

Фон дер Лајен на новинарско прашање за тоа дали смета дека условувањата кон земјава за уставни измени се диксриминирачки, но и дали уставните измени со одложено дејство се прифатливи рече дека ЕУ ќе ѝ помогне на Македонија да ја спроведе преземената обврска на секој дел од патот.

„Ние ќе помогнеме да се спроведе обврската што Северна Македонија ја презеде како суверена земја на секој дел од патот. За мене е мошне важно тоа што имаме јасна цел. Работам колку што можам за да можеме да ги отвориме преговорите за кластерот ‘Темели’. Тоа е нашата краткорочна цел засега и уставните промени треба да се разработат. За мене тоа е важно, важно е, и е во интерес на Северна Македонија да бидеме успешни. Затоа сакам да ве уверам дека ќе бидеме со вас на секој дел од патот, за да стигнеме до заедничката цел. Може да сметате на нас. И мене ми е навистина важно, да не се вртиме многу наназад, туку да гледаме кон иднината. Сакаме да го пишуваме заедно наредното поглавје од нашата заедничка иднина“ , рече претседателката на ЕК.