Градот Скопје се наоѓа во хаос, а граѓаните страдаат од последиците на нефункционалноста на јавниот превоз и натрупаниот смет. Ова е оцената на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој ја најави иницијативата на неговата партија за итна седница на Советот на Град Скопје.
„Скопје не заслужува ваква негрижа и хаос. Градот реално се наоѓа во криза и побарав од советничката група на СДСМ да иницира итна седница на Советот на Град Скопје. Ги повикувам сите советници, без разлика на партиската припадност, да застанат зад ова барање и да се одржи оваа седница во најкус рок,“ изјави Филипче.
СДСМ најавува конкретни предлози со кои ќе се стави крај на кризата, истакнувајќи дека обединувањето на сите советници и политички партии е клучно.
„Ќе предложиме конкретни мерки кои верувам дека заеднички ќе ги поддржат сите советници и конечно да им се излезе во пресрет на граѓаните. Потребно е обединување заради интересите на скопјани,“ нагласи тој.
Претседателот на СДСМ предупреди дека доколку овој обид за акција биде блокиран, партијата ќе размисли за напуштање на Советот на Град Скопје. „
Нема да бидеме параван за лошите политики што го уништуваат нашиот град,“ рече Филипче.
СДСМ апелира до сите политички субјекти во Советот да покажат одговорност и да застанат на страната на граѓаните. Граѓаните на Скопје, велат од партијата, заслужуваат функционален и чист град, а не хаос и неработење.