Skip to main content
Свет

УНРВА: Во северниот дел на Појасот Газа нема вода, храна и лекови

24/11/2024  19:33

Палестинците во опколениот северен дел на Појасот Газа немаат пристап до вода и храна, а целосно исчезнаа и медицински резерви на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), изјави координаторката на УНРВА за итни случаи, Луиз Вотриџ.

Таа истакна дека израелските власти речиси 50 дена не дозволуваат пристап на хуманитарните работници до северниот дел на енклавата, а осум бунари на УНРВА во близина на бегалскиот камп Џабалија се уништени.

Вотриџ наведе дека во градот Газа моментално живеат околу 300.000 луѓе, бидејќи северниот дел на Појасот Газа е „срамнет со земја“, а раселените лица, покрај вода, храна и лекови, имаат потреба од засолништа, шатори и ќебиња.

– Од почетокот на оваа опсада, ја имаме оваа ужасна ситуација кога луѓето се принудени да бегаат од опколениот север за да ги спасат своите животи и да дојдат во градот Газа барајќи безбедност, но опасноста ги следи. Смртта и уништувањето се нивните сенки, посочи Вотриџ.

Таа посочи и дека е загрозена безбедноста на персоналот на УНРВА. Во израелските напади врз Појасот Газа досега загинаа 247 вработени во УНРВА.

Според палестинското Министерство за здравство, во израелските напади врз Појасот Газа, од октомври минатата година, загинаа повеќе од 44.000 луѓе, а повредени се 104.268 лица.